Македонија
16. March 2021 - 16:49

Прилеп бара построги мерки

Општина Прилеп бара полицискиот час во општината да трае од 19 часот па се до 05.00 наутро, а не како досега да почнува во 22 часот. Бараат ваквата мерка да трае во наредните две до три недели, затоа што во тој период се очекувал пикот на третиот бран на пандемијата. Инаку Прилеп е втор град во Македонија со најголем број на новозаразени, хоспитализирани и починати лица од Ковид-19. Ситуацијата е аларманта и крајно загрижувачка. Надлежните сметаат дека главна причина за ова се куќните дружби на граѓаните, опуштањето во работните организации, криењето на контактите, но и тоа што низ градот се шетаат лица кои се позитивни на Ковид-19.

„Сметаме дека оној период од 19 до 22 часот е можеби клучен кога имаме најголем број дружења, собиранки, посети. А ако се земе во предвид дека дружењето на граѓаните е право пропорционално со бројот на заболени, сигурно дека овој број на заболени ќе се намали“, рече Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.

Во болницата се хопитализирани 89 лица, од кои 77 се со кислородна поддршка. Само вчера пак за преглед на Инфективното одделение се јавиле 105 пациенти. Се зголемува бројот на Ковид центри, а се работи и на модуларната болница. 

„Тогаш граѓаните би можеле да се тестираат овде во Прилеп и резултатите би ги добиле во текот на 24 часа“, кажа Драгица Николоска, директорка на Центар за јавно здравје Прилеп.

Наскоро ќе се започне и со тестирање за Ковид во Центарот за јавно здравје во Прилеп.

„Во тек е постапката да го отвориме и очното одделение како ковид центар. Овие денови го спремаме и модуларното одделение. Се надевам во понеделник ќе биде комплетно опремена за да може да ги прими новите пациенти кои би барале прием во болницата“, додаде Кети Смилеска, директор на општа болница Прилеп.

Но засега како никој да нема конкретен одговор зошто толку смртни слулаи во Прилеп. Само во последните 24 часа починаа повторно 5 пациенти, а во Прилеп aктивни се 804 случаи.