Преговорите за Изборниот законик пред пропаст
Се поизвесно дека преговорите за Изборниот законик ќе пропаднат по вчерашната неуспешна координација меѓу пратеничките групи во Собранието. Партиите со различни гледишта на владиното барање за гласање на дијаспората, но и на барањето на Левица за Една изборна единица.
Премиерот вели дека не е оптимист оти преговорите би можеле да имаат позитивен исход. Уверува дека за ВМРО-ДПМНЕ, се е прифатливо, само да и се дозволи на дијаспората да гласа.
-Сакаат повеќе пари за рекламирање? Добро, нека има повеќе пари за нив, помалку за нас. И за тоа сме сложни. Сме сложни и да имаме една изборна единица. Сложни сме да ги прифатиме и сите барања на СДСМ и коалициските партнери на СДСМ. Немаме никаков проблем. Значи, ние сме спремни за се да прифатиме. Еве, јавно кажуваме. И една изборна единица и поголем буџет за оние партии кои не се во овие четири. Нека има, нека се рекламираат. Ако им дошло до парите нека им биде. Само да го поминеме Изборниот законик. Но очигледно, кај овие политички партии свесни за поразот на следните парламентарни избори постои страв и се обидуваат да го бојкотираат за да не испорачаме 10/10, рече Мицкоски.
За СДСМ, идеите за гласање на дијаспората преку електронски или поштенски пат е само обид за изборен грабеж. Велат, лага е дека СДСМ е против дијаспората да гласа, туку се против Мицкоски да гласа во име на дијаспората.
-Сведоци сме на нов обид за изборен грабеж со гласовите од дијаспората на шефот на организираната криминална група, Христијан Мицкоски. Откако се спротивставивме и го блокиравме нивниот предлог за електронска кражба на гласовите од дијаспората, поради огромниот ризик од злоупотреби, сега се бара алтернативен метод за остварување на истата цел. Очигледно е дека ВМРО-ОКГ нема намера да се откаже од злоупотреби и манипулација со гласовите на над 200 илјади граѓани од дијаспората. Замената на електронското гласање, без никаква контрола, со писма по пошта, без притоа ДИК да има можност да го регулира со консензус, не е гарант за безбедност и контрола на слободно изразување на вољата на граѓаните, туку нова можност за изборни манипулации и нерегуларности.
Левица, пак, тврди дека премиерот и неговата ВМРО-ДПМНЕ лажат. Уверуваат дека причината за блокирање на Изборниот законик е Една изборна единица, која според нив, го руши комфорот на големите парти, го намалува ефектот од изборниот инженеринг и создава поправеден политички натпревар.
-Една изборна единица и нов Изборен законик беше причината поради која Работната група воопшто беше формирана. Една изборна единица не е ново барање на Левица измислено преку ноќ, за неа се говори со децении. Таа стои запишана дури и во партиската програма на ДПМНЕ. Пред само една година, Мицкоски лично апелираше за нејзино имплементирање како вистинска демократска реформа. Денес, истата таа идеја не само што ја нема во предложениот текст на законикот, туку целосно исчезна и од речникот на ДПМНЕ. Наместо реформа што обезбедува вреднување на секој глас, јавноста се занимава со тема која вчера не постоеше. Најголемата измама на која ДПМНЕ инсистира е дека електронското гласање на дијаспората е најважното прашање за македонската демократија. Не е и никогаш не било. Тоа не е препорака на ОБСЕ/ОДИХР, не беше ветувано, ниту пак беше причина за формирање на Работната група. Тоа прашање беше вметнато буквално на самиот финиш на работата на Работната група и нешто за кое не се постигна консензус, велат од Левица.
Од евентуалното носење на Една изборна единица најголем бенефит би имале помалите партии речиси без исклучок на сите парламетнарни избори губат пратенички места поради поделеноста на гласовите според изборните единици.
Во делот на гласањето на дијаспората. Франција и Естонија се единствените држави во Европа кои дозволуваат гласање по електронски пат, како првичното барање на ВМРО-ДПМНЕ.
По Пошта пак, својот глас можат да го дадат гласачите во 21 земја-членка на Европската Унија.
Европската Комисија во својата студија за предностите и недостатоците на решенијата за гласање од далечина посочува дека гласањето по пошта им дава можност на гласачите кои се надвор од своите држави да гласаат, но и ги намалува трошоците за гласање, но и за гласање во области кои се далечни.
Од друга страна, како недостаток се посочува можноста за измама или семејно гласање, како и зависноста од нивото на поштенските услуги.
Вчера, пратеникот Милошоски, прашан дали Национални Пошти има капацитет за вакво нешто, со оглед на тоа што новогодишните честитки пристигнуваат за Велигден, рече дека за гласање по Пошта би бил ангажиран меѓународен оператор.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
