Македонија
4. November 2021 - 16:39

Преговорите во Владата продолжуваат, коалицијата одлучува кој ќе биде наследник на Заев

На поединечни средби со владините партнери премиерот Зоран Заев го бара својот наследник за претседател на Владата и го кори новиот состав која се планира да биде избран за 10 дена. Засега нема потврда кој се влегува во трката за нов мандатар, но и дали ќе има промени во кадровскиот состав во владиниот кабинет.

Заев, како што потврдуваат од БЕСА пак, до крајот на неделава ќе се сретне и со нивниот лидер Касами кој порача дека по оставката на Заев потребна и реконструкција при што не е сигурен дека БЕСА ќе даде поддршка за сите министри од ДУИ.

Лидерот на ЛДП Милевски синоќа потврди дека и тој бил на средба за Заев од која веќе е извесна и динамиката на политичката сцена. Според Милевски до средината на наредната недела веќе ќе биде познато и името на новиот мандатар, а наскоро ќе се знае и дали Алтернатива ќе го зголеми мнозинството.

Од партијата на Гаши велат има многу шпекулации за тоа дали остануваат во опозиција или пак навистина преговараат за влез во Влада.

„Деновиве во органите на партијата ќе се дискутира за резултатите на изборите, како и другите актуелности во политичката сцена и ќе го соопштиме нашиoт став. Сите други гласини во јавноста се шпекулации и обиди да се врши притисок врз Алтернатива“, велат од партијата.

Шпекулациите се дека Заев ќе го избере мандатарот од тимот со кој сега раководи. Во Владата тоа се вицепремиерите Николовски, Битиќи, Димитров и Груби. Николовски и Битиќи важат за особено блиски соработници на Заев во владата, а тие високо се позиционирани и во СДСМ токму како кадар на лидерот.

Ако се следи партиската линија пак, осовен Николовски кој е генерален секретар и Битиќи, кој е еден од потпретседателите во игра според сегашните информации влегуваат и заменик потпретседателката Сања Лукаревска, како и потпретседателите Филипче и Спасовски. Потпретседатели се и Царовска и Мухамед Зекири.

Додека актуелното владејачко мнозинство ја кори новата Влада од опозициската ВМРО-ДПМНЕ се уште се на ставот за брзи избори бидејќи тие што ја внеле државата во криза, не може да бидат и решение за нејзе.

„Само со нови избори волјата на граѓаните ќе биде пресликана и во собранието, и само така ќе имаме стабилна влада според волјата на народот. Влада која ќе ја водат стручни и компетентни луѓе, кои знаат како да ја кренат Македонија на нозе. Порака и до Заев, ако си верува во веселите математики со кои што се теши, ајде Заев на избори“

Заев се уште ја нема доставено оставката од премиерското место во Собранието.