Преглед на вестите од светот
Студентското протестно движење во Србија маршираше низ Белград во текот на вчерашниот ден за да ги предаде своите листи за парламентарните избори следниот месец. Илјадници луѓе маршираа низ српскиот главен град до Државната изборна комисија носејќи голем транспарент на кој пишуваше „студентите победуваат“ и реплика од споменикот „Победник“ во Белград. Групата достави кутии со заверени потписи на нивните поддржувачи, што е првичен чекор за да се пријават на гласачкото ливче.
Маршот се одржа откако претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој е претседател или премиер 12 години, изјави дека ќе се кандидира за премиер на изборите на 25 октомври.
Студентите и опозициските партии ги обвинуваат Вучиќ и неговите сојузници за корупција и контрола на медиумите, што тие го негираат. Вучиќ се соочи со речиси две години антикорупциски демонстрации предводени од студенти, предизвикани од уривањето на покривот на железничката станица, во кое загинаа 16 лица во Нови Сад во ноември 2024 година.
Во изјава за телевизија Пинк во неделата вечер, Вучиќ извести дека на 27.септември ќе поднесе оставка од функцијата претседател.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во понеделникот изјави дека Украина ќе го поддржи предлогот на САД за меѓусебно запирање на нападите врз критичната инфраструктура како прв чекор кон деескалација доколку Русија покаже „искрена подготвеност“ за прекин на војната.
„Сега постои и силен предлог од Соединетите Американски Држави за меѓусебен прекин на нападите врз критичната инфраструктура. И ако ова може да стане првиот чекор за деескалација, чекор кон прекинување на руските напади врз нашата критична инфраструктура и нашите одмазднички напади како одговор, тогаш Украина е подготвена да ја поддржи деескалацијата. Гледаме дека Русите го чувствуваат притисокот од нашите прецизни напади врз воената економија на Русија. И досега, никој не видел вистинска волја од страна на Русија да ја заврши војната. Но, ако нашите американски партнери можат да обезбедат вистинска подготвеност на Русија да ја заврши оваа војна насочена кон уништување животи, и да го сторат тоа искрено и на долгорочна основа, Украина ќе преземе свои чекори за деескалација. Потребен е мир.
Претседателот на САД Доналд Трамп објави пост дека Украина и Русија се согласиле да не ги погодуваат меѓусебните енергетски цели.
„Украина се согласи да не ги погодува руските енергетски цели. Русија се согласи да го стори истото! Зголемувањето на цената на дизелот во светот е главно предизвикано од војната меѓу Русија и Украина, а не од Иран.
Иранскиот Корпус на Исламската револуционерна гарда соопшти дека супер танкер за нафта, кој се обидувал да го премине Ормутскиот теснец преку „забранетата“ рута јужно од теснецот, експлодирал откако удрил во поморски мини. Во соопштението, се вели дека Ормускиот теснец е блокиран и останува под „паметна контрола“ на Иран. Четири брода, вклучувајќи еден носач на гас, го напуштија теснецот во текот на викендот, додека 10 товарни бродови влегоа во водниот пат. Сепак, овие бројки не ги вклучуваат бродовите што минуваат низ теснецот со исклучен систем за автоматска идентификација.
-

Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар
