Loading Video...
Свет
26. јуни 2026 - 16:29

Преглед на вестите од светот

Украинците го извршија најголемиот ноќен напад врз Русија од почетокот на војната. Според руското Министерство за одбрана, синоќа, руските системи за воздушна одбрана „пресретнале и уништиле“ 660 украински дронови над 12 региони. Претходно, најголемиот напад со беспилотни летала беше на 17 мај, кога руската војска објави дека соборила 556 дронови. Но и Русите не мируваат. Го бомбардираа украинскиот град Запорожје. Во нападот повредени се најмалку седум лица, соопшти локалниот гувернер. Во нападот биле оштетени деловна зграда и магацини.

Јужна Кореја ги проширува своите капацитети за беспилотни летала и создава системи за одбрана. Како одговор на заканите од Северна Кореја, земјата планира да истренира половина милион „дронови-војници“ и да распредели десетици илјади беспилотни системи низ првите борбени линии, соопшти денеска министерот за одбрана.

Според ревидираниот план на министерството, војската има цел да воведе околу 60.000 дронови во сите воени редови до 2029 година, од кои првите 11.000 ќе бидат распоредени уште во текот на оваа година. Целта е беспилотните летала да станат стандардна опрема за секој војник.

Поради безбедносни причини, Сеул целосно ќе ги отфрли кинеските делови и при изградбата на овие системи ќе користи исклучиво 100% домашно произведени компоненти. Овој чекор доаѓа по лекциите од војните во Украина и Блискиот Исток, кои покажаа дека дроновите целосно ја менуваат стратегијата на модерното бојно поле.