Преглед на вестите од светот
„Јас сум шефот“. Американскиот претседател Доналд Трамп со впечатлива шега повторно се најде во центарот на светските медиуми. На последниот состанок со лидерите на Г7 пред да седне на масата, подзастана за да им порача дека тој е главен.
„Јас сум шефот“, кажа Трамп. Шегата на Трамп предизвика смеа кај присутните лидери, по што тој седна до францускиот претседател Емануел Макрон.
Лидерите одржаа состанок во Евијан ле Бен на Женевското Езеро, во момент кога деталите за договорот за прекин на огнот меѓу САД и Иран веќе протекуваат од Вашингтон и Техеран пред неговото официјално објавување, кое се очекува во петок - 19 јуни во Швајцарија.Самитот му даде можност на Трамп да им го претстави својот договор со Иран на клучните сојузници: Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија и Јапонија. Лидерите воглавно ги споделуваат загриженостите на Вашингтон во врска со нуклеарната програма на Иран и другите отворени прашања, но никогаш не ја поддржаа неговата одлука да започне војна.
Дополнително, стравуваат дека Техеран добил поголемо влијание со тоа што му одолеал на налетот на суперсилата и воспоставил контрола врз Ормускиот Теснец.
Лидерите на Европската Унија утре ќе се соберат во Брисел на дводневен самит чиј главен фокус ќе биде кандидатурата на Украина за приклучување кон европското семејство. На дискусиите ќе се приклучи и Зеленски, со оглед на тоа што и Украина и Молдавија неодамна ги отворија своите први преговарачки поглавја за членство во ЕУ. Лидерите на Г7 изјавија дека стојат обединети во поддршката за Украина, вклучувајќи го и нејзиниот територијален интегритет, а се договорија и да ги зголемат санкциите против Русија. Оваа изјава го нагласува се поголемото влијание на Киев во моментите кога се стреми кон мировни преговори со Москва.
На самитот, ситуацијата на Блискиот Исток исто така ќе заземе значајно место, па се очеккува дискусиите да ги опфатат најновите случувања во Газа, Либан, како и пошироката регионална стабилност.
Еден загинат и седуммина повредени. Русите го бомбардираа украинскиот град Запорожје. Снимките што ги објавија локалците во Украина покажуваат како пожарникарите гаснат запалени објекти, се евакуираат стотици жители а сирените на спасувачките екипи пиштат на секој чекор. Гувернерот на Запорожје, Иван Федоров, на Телеграм напиша дека едно лице загинало, а седум други биле повредени во ноќниот напад во регионот.
Федоров исто така додаде дека биле извршени пет удари врз градот, при што избувнал пожар во станбен објект и во трговски центар, а оштетувања претрпела и една образовна институција.
Украинската национална полиција соопшти дека бран од десетици руски дронови предизвикале голема штета во овој дел.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
