Loading Video...
Свет
17. April 2026 - 12:13

Преглед на вестите од светот

Американскиот претседател на својата социјална мрежа Truth Social објави дека е постигнат договор за десетдневен прекин на огнот меѓу Израел и Либан, што почна синоќа во 23 часот по средноевропско време. Целта на договорот, вели тој, е да се постигне траен мир меѓу двете земји.

„Тукушто имав одлични разговори со почитуваниот либански претседател Џозеф Аун и израелскиот премиер Биби Нетанјаху. Двајцата лидери се согласија официјално да започнат 10-дневен прекин на огнот со цел да се постигне МИР меѓу нивните земји“, напиша Трамп.

Објавата дојде откако претставниците на Израел и Либан пред два дена се сретнаа во Вашингтон, што беше нивна прва официјална средба по 34 години.

Луѓето со знакот на победа возеа кон јужен Либан утрово откако стапи во сила 10-дневниот прекин на огнот со Израел. Кај Касмија, долга колона возила со раселени лица - желни да се вратат дома - премина преку мост што го поврзува јужен Либан со остатокот од земјата. Израелските напади убија повеќе од 2.100 луѓе во Либан од 2 март и принудија повеќе од 1,2 милиони да избегаат, велат либанските власти. Нападите на Хезболах убија двајца израелски цивили, додека 13 израелски војници загинаа во Либан од 2 март, вели Израел.

Трамп, навести дека новата рунда разговори со Иран би можела да се одржи во текот на викендот и рече дека не е сигурен дека е потребно да се продолжи примирјето со оваа земја. Тој изјави дека Иран е заинтересиран за постигнување договор и посочи дека „денеска е подготвен да прави работи што не беше подготвен да ги направи пред два месеци“. Се осврна и на евентуално патување за Пакистан.

„Би, би отишол во Пакистан, Пакистан е одличен. Тие беа толку добри, Исламабад, ќе одам, можеби ќе одам, да. Ако договорот се потпише во Исламабад, можеби ќе одам. Фелдмаршалот (Асим Мунир) беше одличен, премиерот (Шехбаз Шариф) беше навистина одличен во Пакистан. Па можеби ќе одам. Тие ме сакаат.“

На прашањето што ќе се случи ако САД и Иран не постигнат траен договор, Трамп рече дека воените напади повторно ќе бидат засилени, пренесува Си-ен-ен.

Новата влада на Унгарија ќе одржува строги миграциски политики кога ќе ја преземе функцијата следниот месец, изјави новиот премиер Петер Маѓар. Тој инсистираше дека нема да прави компромиси со тврдокорниот став на Унгарија за нелегалната миграција и рече дека земји како Полска и Словачка одржувале строги ставови, а воедно се придржувале кон политиките на ЕУ.

Постојат европски земји, вклучувајќи ги и земјите предводени од сојузниците на Виктор Орбан, кои успеале да го решат проблемот со почитувањето на законите на ЕУ и донесувањето закони во согласност со законите на ЕУ, како и да не им дозволат на нелегалните мигранти да дојдат во нивната земја. Затоа, можам да кажам дека ако Словачка можеше да го реши ова, Полска можеше да го реши ова и неколку други земји, тогаш веројатно може да се реши, само треба да се сака.“