Преглед на вести од светот
Најмалку 15 полицајци се повредени во напади со пиротехнички средства низ Берлин, а околу 300 лица се уапсени, по немирите за време на новогодишната ноќ. Во смирувањето на ситуацијата биле вклучени над 4.000 полицајци. Во Баварија, 18-годишник починал од повреди добиени по петарди, јавуваат германски медиуми.
Немири ја одбелееа новогодшната ноќ и во Холандија. Холандската полиција соопшти дека повеќе од 200 лица се приведени ширум земјата по нападите со пиротехнички средства и камења врз полициски службеници.
Најмалку девет лица се повредени откако автомобил влетал во толпата луѓе кои ја славеле новогодишната ноќ во близина на Медисон Сквер Гарден во Њујорк. Едно лице е во критична состојба. Според извештаите, возилото излетало на тротоарот и прегазило цивили, како и полицајци пред да застане. Возачот, 44-годишен маж, е во притвор. Засега нема информации за причините за инцидентот.
Земјотрес со јачина од 7,6 степени според Рихетровата скала и цунами го погодија централниот дел на Јапонија и нејзиниот западен брег. Брановите на цунами, високи повеќе од еден метар, стигнаа до брегот во префектурата Ишикава - но тие се помали од брановите високи 5 метри на кои властите предупредија.
На десетици илјади луѓе кои живеат во близина на Јапонското Море им е кажано да се упатат кон повисоките места. Повеќе од 30 земјотреси – со магнитуда од 3,6 до 7,6 степени – ја погодија централна Јапонија за само неколку часа. Властите сè уште го проценуваат обемот на штетата, а жителите мора да се подготват за нови земјотреси. Земјотресот ја прекина струјата во десетици илјади домаќинства, а во прекин се сите летови и железнички линии кон погодените подрачја. Нема пријавени неправилности во ниту една од нуклеарните централи во близина на епицентарот.
-
Емилија Штерјов
Сите содржини од овој новинар
