Македонија
14. May 2026 - 12:17

Повик за правда, во сабота Виница ќе маршира за жртвите во дискотеката „Пулс“

Во сабота, на 16 мај, градот Виница за првпат ќе се приклучи кон „Маршот на ангелите“, настан што се организира во чест на 63-те жртви од трагедијата која ја потресе целата јавност и зад себе остави неизбришлива болка кај семејствата, блиските и преживеаните.

Под мотото „За да не се повтори никогаш – за вистинска правда“, учесниците ќе испратат порака дека сеќавањето на загинатите не смее да згасне, но и дека одговорноста за трагедијата не смее да остане само симболична. На последниот „Марш“ во Кочани порачаа дека, ова е повик за вистина, правда и системски промени кои ќе спречат вакви несреќи да се повторат во иднина.

-Ние сме на улица, не затоа што сакаме хаос, туку затоа што правдата ја претворивте во неправда. И запомнете, ниту една функција не трае вечно, изјави Александар Наунов, родител на загинато дете.

Собирот е закажан за 16:45 часот на плоштадот „Ангел Винички“, додека почетокот на маршот е планиран за 17:05 часот. Од таму, граѓаните ќе маршираат низ градот во знак на почит кон згаснатите животи и како поддршка за сите семејства што и денес се соочуваат со последиците од трагедијата. Повеќе од 500 повредени и преживеани сè уште ги чувствуваат физичките и психолошките последици од трагичниот настан.