Поранешниот претседател на ФФМ, Сејдини излезе од притвор
Со гаранција од над еден милион евра, поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини, излегува од притвор. За да се брани од слобода додека обвинителството прибира докази за злоупотреба на илјадници евра, Сејдини гарантирал со недвижен имот. Судот го прифатил предлогот и го укинал притворот на екс претседателот на ФФМ, но, како мерка на претпазливост дека нема да бега, одземен му е пасошот.
„Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на одбраната на осомничениот М.С., поранешен претседател на Фудбалската федерација на Македонија, донесе решение со кое ја прифати понудената гаранција во износ од над 1.150.000 евра, која се состои од засновање хипотека врз недвижен имот и ја укина мерката притвор“, се вели во соопштението на Основен Кривичен суд - Скопје
Сејдини заврши зад решетки во април годинава поради опасност од бегство и влијание врз сведоци додека трае истрагата. Обвинителството го гони во два случаи – за проневера и злоупотреба на околу 700 илјади евра средства од УЕФА, наменети за изградба на трибина на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид, и за дополнителни незаконски исплати кон фирми во вредност од речиси 900 илјади евра.
Обвинителството се сомнева дека средствата биле исплаќани спротивно на договорените услови, со што била предизвикана значителна штета.
За истиот случај, пред крајот на минатата година новото раководство на ФФМ му отвори дисциплинска постапка и изрече две годишна суспензија за било каква функција во фудбалот. Муамед Сејдини повеќе од една деценија беше дел од ФФМ од кои 6 години на претседателското место пред да си поднесе оставка во 2024тата.
Во меѓувреме, истрагата се проширува и кон претходното раководство. Минатиот месец беше уапсен и поранешниот претседател на ФФМ, Илчо Ѓоргиоски, кој се сомничи за незаконско присвојување на околу два милиони евра. Истрага се води за уште десетина лица, најголем дел се управители на осомничените фирми преку кои се испумпувале парите.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
