Поранешни министри за здравство наредната недела први на распит пред Анкетната Комисија
Венко Филипче или Беким Сали – кој прв ќе седне на распит пред Анкетната Комисија за скандалот на Онкологија? Денеска по усвојување на дневниот ред, седницата заврши и најавија нова за во вторник кога треба да се појави некој од екс министрите за здравство. Претседателката на ова собраниско тело кажа дека нема да дозволи да се претворат во парасудски орган туку ќе бараат политичка одговорност.
- Очекувам заклучоци за вистината и дали има или нема одговорност и во колкава мера е одговорноста во настанатиот случај доколку ја има. Но, многу поважно, очекувам да имаме заклучоци кои ќе поведат начин да има системски решенија со кои ќе превенираме вакви скандали или трагедии во иднина. Се надевам дека ова ќе биде првата Анкетна комисија која ќе заврши со такви заклучоци и истите ќе бидат имплементирани, изјави Рашела Мизрахи, претседател на Анкетна Комисија за Онкологија.
Сите членови и заменици на Анкетната се согласиле ако треба да работат секој ден вклучувајќи и викенди, доколку биде потребно. И партиите на власт едногласни дека вистината мора да излезе на виделина.
- Не сме орган кој ќе дава судска пресуда, туку ќе бараме политичка одговорност. Би било најсоодветно сите да придонесеме да се најдат виновниците ако постојат на наводните злоупотреби на клиниката, изјави Арбен Зибери од ДУИ.
- Нашата работа би требало да прати порака и до луѓето во иднина дека не смеат да си дозволат во никој случај да биде злоупотребена функцијата и положбата притоа непочитувајќи ги законите, а уште полошо нарушувајќи го здравјето и животот на граѓаните, вели Ненад Коциќ од СДСМ.
Освен екс министри, Комисијата ќе повикува и актуелни и поранешни директори на Онкологија но и други функционери кои би имало што да кажат со случувањата на клиниката. Додека пратениците бараат политичка одговорност, вработените во оваа здравствена установа чекаат што побрзо да има епилог случајот во Обвинителството.
- Ние како резултат на тој скандал, тежок збор но еве ќе го употребам, ако се наводите точни бараме со име и презиме да се знаат. Не сите доктори се под истрага, има и поштен персонал кој гине за пациентите, вели д-р Билјана Клисаровска, директор на Онкологија.
Инаку Анкетната Комисија во Собранието почнува со работа повеќе од еден месец по обелоденување на скандалот.
-

Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
