Македонија
22. February 2022 - 19:55

Поради „Лев Тахор“ жителите од Горно Лакочереј најавуваат бојкот и нема да ги пуштат децата на училиште

Жителите од Горно Лакочереј не отстапуваат припадниците на Еврејската група Лев Тахор да биде дислоцирана од селото. Тие како што велат вчера оствариле средба со сопственикот на хотeлот каде се сместени и му дале рок да си заминат до утре после пладне во спрoтивно најавија дека ќе протестираат и ќе ја бојкотираат наставата во училиштето кое се наоѓа во непосредна близина на хотелот  . 

Мештаните велат дека на ваков чекор се одлучиле плашејќи се за безбедноста стравувајќи за своите најмили.

Oд Еврејската заедница во земјава реагираат и посочуваат дека се вчудоневидени од неверојатниот говор на омраза по повод престојот на една ортодоксно религиозна еврејска група во државава, која е во основа мирољубива и не загрозува никого.

– Една мала група на подбуцнувачи со своите изјави во стилот „Треба да се запали хотелот со се Евреите по него“ предизвикува страв и непријатно чувство на Евреите во Република Македонија. Никогаш Евреите во Македонија, не се судриле со таков антисемитизам, ксенофобија и јазик на омраза, кој може да предизвика несогледиви последици, нагласуваат од Еврејската заедница.

Од Еврејската заедница очекуваат надлежните органи да преземат соодветни мерки, а градоначелниците активно да се вклучат и да им објаснат на луѓето што протестираат против престојот дека оваа група само затоа што е облечена во поинакви алишта и со поинаков изглед, практикувајќи ја ортодоксната еврејска религија не претставува никаква опасност за никого.