Почнаа преговорите за владина реконструкција - денеска со ВРЕДИ, утре со ЗНАМ
Почнаа разговорите меѓу коалиционите партнери за владината реконструкција. Премиерот Мицкоски денеска седна на маса со партнерите од ВРЕДИ, а на средбата се договараат деталите кој министер ќе ја напушти позицијата, кој ќе го наследи, но и дали останува истиот број на позиции во владиниот кабинет.
Разговорите се во рана фаза и станува збор за чувствителен процес кој бара сериозен и одговорен пристап и во овој момент не би навлегувале во дополнителни детали. Штом бидат постигнати конкретни договори и дефинирани решенија, јавноста ќе биде навремено и целосно информирана.
Иако официјални детали не се соопштуваат, се шпекулира дека во игра се смени во правда, култура, здравство . Не се исклучува ниту можноста за ротација на министри од еден во друг ресор.
Засега е јасно само дека позицијата на Фатмир Лимани во труд и социјала виси по неговото раздвојување од ВРЕДИ, но дали тој ќе ја добие довербата на премиерот се уште е неизвесно. Празно е и местото на вицепремиерската позиција откако Арбен Фетаи поднесе оставка.
Од Илинденска велат дека во моментов останува непроменета позиција на Мицкоски дека внимателно ги следи состојбите во институциите и дека не е задоволен од појавите кај дел од функционерите кои се оддалечуваат од принципите врз кои е формирана Владата.
На неодамнешниот партиски собир премиерот посочи дека до него пристигнуваат забелешки за недоволна достапност на дел од министрите и директорите, како и за оддалечување од секојдневните проблеми и потреби на граѓаните.
За утре пак е закажана средба меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ. Од партијата на Димитриевски најавија дека на средбата ќе побараат детали за точниот опфат на најавената реконструкција. Според нивните функционери актуелните министри испорачале резултати.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар
