Почна расправата за солидарниот данок
Почна амандманската расправа за Законот за данок на солидарност кој пратениците ќе треба да го донесат со европско знаменце и во скратена постапка. Поднесени се три амандмани.
Опозицијата реагира дека власта не ги зема предвид ставовите на бизнисот и оти единствено се води од потребата за пополнување на буџетски дупки. За нив е спорно што не се знае каде ќе се трошат парите кои ќе се соберат од компаниите.
- Ова ли е делот од тие политики на Владата за фаќање од оние компании коишто редовно плаќаат данок? Без притоа да се знае каде ќе бидат употребени овие пари знаејќи ја ненаситноста во трошењето на народните пари на нашата Влада, вели пратеникот Златко Пенков од ВМРО-ДПМНЕ.
Пратениците од власта уверуваат, на овој начин се враќаат парите кои од буџетот им биле дадени на компаниите за да ја пребродат ковид-кризата.
- Не е целта на овој на предлог-закон да се казнуваат успешните и способните, туку е еднократен закон којшто предвидува на компании коишто оствариле екстра профит, значи, зборуваме за ограничен број на компании коишто оствариле огромни приходи во услови на криза. Притоа, истите компании неколку години и во услови на криза користеле буџетски средства, тоа се исто пари на граѓаните, вели пратеничката од СДСМ, Санела Шкриељ.
И првиот финансиер на иста линија со пратениците од власта.
- Самиот данок е вонреден, еднократен и всушност и намената на овој закон е дека овој данок не е неутрален, општ, како што се другите даноци за финансирање на буџетот, туку се знае намената и затоа се става во Програмата П1 – мерки за справување со Ковид-19, криза и други антикризни мерки кои се поврзани со кризата, вели министерот за финансии, Фатмир Бесими.
Но, за законот за солидарност се дебатираше и надвор од собраниските сали. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ беше во Стопанската комора на северо-западна Македонија каде по состанокот кажа дека околу 45 фирми членки на оваа комора ќе бидат засегнати од законот.
- Станува збор за десетици милиони евра кои биле предвидени да се реинвестираат, односно биле предвидени за отворање на дополнителни работни места. Но, во овој момент владата одлучува тие пари да ги собере, а потоа преку сомнителни трошења...Зошто? Затоа што предвидува да ги стави на конто во коешто јавноста ќе нема увид. Преку сомнителни трошења, имајќи предвид за карактерот на владата, да завршат во приватни џебови, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
По најавите од бизнисот дека законот ќе биде оспорен пред Уставниот суд, вицепремиерот Битиќи вели дека сега се е во рацете на пратениците.
- Законот е веќе во собраниска процедура и владата е немоќна кога тој е во законска процедура и останува на Собранието како највисок законодавен орган да го донесе законот, а секое оспорување е демократско право. Ако тој се оспори од Уставен суд и Уставен суд донесе одлука за тоа секако владата ќе ја почитува, вели вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.
Најавениот закон наиде на остри реакции од бизнис секторот кој смета дека ваков ад хок закон создава несигурност кај постојните и потенцијалните инвеститори.
Во текот на расправата во Собранието, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски побара повлекување на точката, и за в петок да се организира јавна расправа на која ќе присуствуваат претставници на коморите. Но ова барање беше одбиено.
Согласно процедурите, амандманската расправа ќе трае два работни дена.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
