Македонија
31. July 2023 - 16:31

По викенд пожарите денеска мирно

Општините и Национални шуми се неподготвени за шумски пожари, алармираат и Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување.

Првите луѓе на овие две институции на заедничка прес-конференција велат дека за спречување на ширење на ваквите пожари најважна алка во синџирот се вработените во Национални шуми кои треба да бидат прва линија за реакција. Но, проблемот е што оваа институција има вработени, но само на хартија. Главниот фокус во нивната работа е сечата на дрва, но не и превенцијата и заштита од пожари.

-Ќе пријават 40, фактички ќе ги напишат сите кои работат во таа подржница на Национални шуми, но реално некои од нив имаат здравствени проблеми, некои се возрасни, некои се отсутни. И тие во реалноста ја немаат таа бројка што ја декларираат. И тука настанува нивниот проблем. Сметаат дека таму има 40 лица, но во реалноста бројката е помала. И раководството на Национални шуми не е виновно, нема луѓе. Тие се луѓето. Законот е регирозен и решението е целосна реформа на Системот за управување со кризи, вели директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.

Директорот на ДЗС вели дека ретки се тие општини кои навистина инвестираат во противпожарните сили или во превенција. Ги пофали градоначалниците од Малешевијата и на Кавадарци, но вели дека ситуацијата е алармантна во Кичево, Куманово и други општини.

Според Максути, никој сам не купува опрема, а ретки се општините каде навремено се сервираат возилата.

-Се чека само на тоа што ќе треба ДЗС да го додели или пак се чека на некоја донација од страна. Која општина доделила средства за купување на противпожарна цистерна? Да не зборуваме за цистерна за гасење на шумски пожар. Податоците се за жалење и навистина загрижувачки, вели директорот на ДЗС, Беким Максути. 

Сезонава за првпат противпожарните сили на располагање се сите три ер-трактори и три хеликоптери од МВР.

Државата, сензори за детектирање на пожари има поставено само на Јабланица. Тоа е проект на Македонија и Албанија. Но нема пари да постави сензори секаде. Надлежните велат дека таков проект е многу скап, но може да биде од корист, особено за недостапните места високо на планините.