Павловска-Данева: Интерпретативните одлуки се важен чекор кон развојот на современата уставно-судска практика

Судијката на Уставниот суд, проф. д-р Ана Павловска-Данева, денеска учествуваше на конференцијата посветана на „Основни принципи на правото врз примерот на Основниот закон на Сојузна Република Германија и Уставот на Република Северна Македонија“. Настанот е организиран по повод основањето на Центарот за германско право при Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Во рамки на конференцијата, проф. д-р Павловска-Данева имаше излагање на темата „Улогата на Уставниот суд на Република Северна Македонија во заштитата на човековите права и демократскиот политички поредок“.
Таа го истакна значењето на интерпретативните одлуки на уставните судови во европските држави, особено на Сојузниот Уставен суд на Германија, Уставниот суд на Италија, но и оние во регионов како уставните судови на Хрватска и Србија и изрази уверување дека Уставниот суд на Република Северна Македонија почнува (иако срамежливо) да чекори по патот на уставно-судската пракса во поразвиените демократии.
Павловска-Данева посочи на неколку одлуки на македонскиот Уставен суд со кои се прави толкување на законските одредби во насока на тоа како тие треба да се читаат и применуваат од страна на редовните судови, а особено од страна на Законодавецот и извршната власт.

После излагањата на двајцата претставници од македонскиот и германскиот суд, се разви дебата во која судијата Павловска-Данева ја потенцираше транспарентноста на Уставниот суд и одличната соработка со медиумите за кои кажа дека се најревносните (покрај професорите по уставно право) следачи и аналитичари на работата на Уставниот суд.
Присутните го поддржаа зголемениот активитет на македонскиот Уставен суд.
На настанот се обрати и проф. д-р Удо Штајнер, поранешен судија на Сојузниот уставен суд на Сојузна Република Германија, кој говореше за основните принципи на правото преку примерот на т.н. „клаузула за вечност“ во германскиот Основен закон.
На конференцијата присуствуваа амбасадорката на Сојузна Република Германија во Северна Македонија, Н.Е. Петра Дрекслер, претставници на Германската фондација за меѓународна правна соработка(ИРЗ), деканот и професори од Правниот факултет „Јустинијан Први“, како и судии и советници од Уставниот суд.
Настанот отвори простор за суштинска размена на искуства и правни перспективи за улогата на уставните судови како чувари на човековите права, демократскиот поредок и темелните уставни вредности, со посебен осврт на германското и македонското уставно-правно искуство.
Ново на Сител
-

Фон дер Лајен доаѓа во Скопје – можна ли е деблокада на евроинтегративниот пат?
-

Гаши е убеден оти нема да има предвремени избори, но се актуелизира Изборниот законик
-

Матичен ќе издава боледување до 5 дена, Фондот ќе проверува дали пациентот е дома
-

Стивнува епидемијата на западно-нилска треска - Двајца пациенти се уште се во критична состојба
-

Производителите на пиперки го блокираа патот Прилеп-Битола, велат дека откуп воопшто нема
-

УГД - Летна школа, како до почист воздух, вода и почва
-

ЕУ донираше возила и опрема за Царинската управа
-

Преглед на вестите од светот
