Македонија
11. December 2023 - 16:46

Парламентот не ги разгледуваше патоказите клучни за Брисел

По утрешниот состанок на министрите за надворешни работи во Брисел ќе биде јасно во која насока ќе се движи интеграцијата на земјите од Западен Балкан. Се поизвесно е дека сепак Албанија ќе добие добри вести и покрај ветото кое го постави Грција, но останува неизвесно како Македонија ќе продолжи во процесот како пакет кој Брисел не сака да го раздвои. 

Додека се чека одлука на министрите за надворешни работи, нема расправа ниту за патоказите за владеење на правото и реформи во јавната администрација, кои треба да бидат испратени во Брисел до крајот на месецов. Пратениците ниту денеска не започнаа расправа по нив, бидејќи документацијата содржела класифицирани податоци.

До петок ќе биде јасно дали ќе биде донесена формална одлука за претпристапни преговори за Украина и Молдавија онака како што препорача Европската Комисија. 

Иако во фокусот ќе бидат ставени прашањата за овие две земји, сепак шефицата на словенската дипломатија Фајон, порача дека Западен Балкан не треба да биде заборавен. 

Во пресрет на состанокот на лидерите во Брисел, Украина се закани дека ЕУ мора да си го исполни својот дел. Според министерот за надворешни Кулеба, неуспехот да се донесе одлука за отворање на пристапните преговори би било штетно не само за Украина, туку и за ЕУ.

Минатиот месец ЕК препорача и отворање на пристапните преговори меѓу БиХ и ЕУ кога ќе се постигне потребното ниво на усогласеност со критериумите за членство. 

Најавите се дека на состанокот Украина и Молдавија, според последните заклучоци, ќе добијат препорака од Советот на ЕУ со која ќе се одобри почнување на преговорите за пристапување.