Македонија
31. August 2023 - 16:33

Освен 600 нови вработувања Министерството за здравство планира и 1.800 трансформации на договори на дело

Работат со години во болници и клиники за минимална плата, без решено егзистенцијално прашање. Во моментов 1800 хонораци од 109 јавни здравствени установи чекаат здравствените власти конечно да ги вработат на неопределено време и да земаат плата согласно нивната работна позиција. Меѓу илјадниците со договор на дело 121 се доктори, 490 медицински сестри, 206 административци и по стотина болничари и технички персонал - односно од сите профили во здравствениот сектор.

Министерот за здравство вети дека бара решение за нив и тоа во соработка со финансии и со фондот за здравствено осигурување.

- За тоа треба да се направат законски измени од страна на Министерство за финансии, бидејќи истите се предлагачи за промена на законот за трансформација кој беше усвоен во 2015 година. Во тек се консултации на министерот за здравство и министерот за финансии за надминување на потешкотиите и олецнување на административните процеси за вработувањата, велат од МЗ.

Трансформацијата на хонорарците ја почна Никола Тодоров во чие време имаше околу 2000 кои работеа со договор на дело во јавните здравствени установи. Со ветувањата продолжи Филипче, меѓутоа короната ги пролонгира процесите. Доктори, сестри, болничари иако хонораци и со минимални примања беа едни од најангажираните за време на пандемијата со чести дежурства во Ковид центрите.