Македонија
30. April 2023 - 16:37

Опозицијата тврди дека со парите за пенали кон Бехтел и Енка може да се решат голем број проблеми

Парите кои Владата ги плаќа како пенали поради лошиот договор со Бехтел и Енка би решиле многу проблеми, реагира опозициската ВМРО-ДПМНЕ која викендов влегува во теренска кампања. Партиската потпретседателка од полошкиот регион порача дека по промената на власта детално ќе се истражи целата постапка

СДСМ уште вчера преку својот министер Бочварски повтори дека државата не е обврзана да плаќа пенали. Од партијата денеска преку писмено соопштение констатираа дека како што велат хајката против овој инфраструктурен проект е демаскирана бидејќи според ист закон бил изграден автопат во Србија.

„Со истиот посебен закон и со истиот договор конзорциумот Бехтел и Енка гради и во Србија, каде што државните власти вчера пуштија во употреба дел од автопатот на Моравскиот коридор.

И кај нас специјалниот закон го изгласа Собранието, се потпиша договор со истата компанија за изградба на коридорите 8 и 10Д, а неделава Владата плати 117 милиони евра за аванс и мобилизација.

ВМРО-ДПМНЕ е против секој успех и напредок на државата и од политички и лукративни причини води хајка против изградбата на коридорите и против Бехтел и Енка, која се базира на лаги и невистини.“ – велат од СДСМ во писмено соопштение.

Вчера и Брисел изрази загриженост од начинот на кој се спроведувала постапката со Бехтел и Енка потсетувајќи ја Владата дека тоа не е пракса во Европската Унија.

Реагираше и Социјалистичката партија која предупреди дека Владата сериозно го загрозува процесот на пристапни преговори

„Тие кои се претставуваат како загрижени за зачленувањето во ЕУ всушност интензивно работат за директно подривање на можноста за забрзување на процесот раководејќи се од личните материјално-финансиски интереси проценети на стотици милиони евра за лична корист.“ – се вели во соопштението на СПМ