Опозицијата бара да го добие а не да и го прераскажат договорот со Бехтел и Енка
Опозицијата да одлучи кога и на која Комисија ќе се разгледува Договорот за изградба на Коридорите 8 и 10д, а владин тим ќе ги презентира деталите од документот. Договорот со Бехтел и Енка беше тема на координацијата кај собранискиот спикер Џафери.
„Ставот на присутните на координацијата е дека, со оглед на тоа што иницијативата е на опозицијата, а опозицијата не присуствува на координација; таа да предложи надлежно тело за разгледување на Договорот до претседателот и да определи датум кога ќе се разгледа Договорот. Веднаш по отворањето на комисиската седница, пратениците ќе се изјаснат за затворање на седницата за јавноста“, известуваат од кабинeтот на Џафери.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак, велат дека оваа коoрдинација е само уште еден обид на власта да го скрие Договорот. Од таму бараат документот не само да биде презентиран, туку даден на пратениците со безбедносен сертификат и на разгледување од 10 дена.
„Ние не бараме Договорот некој министер да ни го раскажува, ние бараме и имаме право Договорот да ни биде даден на увид и бидејќи се работи за 500 страни договор, да имаме разумен рок од најмалку 10 дена да го разгледаме, анализираме и потоа да имаме затворена седница на која што ќе ги искажеме сите наши забелешки, но и ќе ги обзнаниме сите клаузули кои што се штетни по буџетот на Република Македонија. Тоа е нашето барање“.
Милошоски тврди и дека пратениците кои ги поднеле спорните законски решенија поврзани со Договорот дека тие веќе го имаат видено документот, иако дел од нив не поседуваат безбедносни сертификати.
Тој претходно објави дека надлежно собраниско тело за ваков Договор е Комисијата за транспорт и врски со која раководи Владо Мисаjловски од ВМРО-ДПМНЕ. Поради можната штетност на Договорот, од ВМРО-ДПМНЕ најавуваат дека кога тие ќе формираат Влада, ќе ги разгледаат опциите и за поништување или предговорање на условите.
Од власта пак, неофицијално велат дека има опција пратениците сепак да го видат Договорот на самата Комисија, но не и да го имаат на увид со денови или да анализираат. Вакво нешто се навести и во соопштението од Координацијата кај Џафери каде стои дека поради класифицираноста на Договорот тој ќе биде разгледан на затворена седница, но и дека “само пратениците кои се носители на безбедносен сертификат имаат увид во неговата содржина”.
Официјално од СДСМ бараат опозицијата наместо да шири дезинформации, да одреди Комисија за да се разгледа Договорот.
„Јас верувам по нивната логика дека одолговлекувањето им одговара токму поради тоа што им дава време да продолжат да шират лаги, да шират манипулации но и да нанесат штета и на граѓаните и на државата. Се надеваме дека конечно ВМРО-ДПМНЕ ќе се вразумат и ќе кажат на која собраниска комисија сакаат да се разгледува договорот за овој стратешки национален инфраструктурен проект којшто е најголем од независноста до сега и дека за брзо ќе го дадат одговорот токму на ова прашање“.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ пред речиси две недели до премиерот Ковачевски испратија барање да им го достави Договорот за изградбата на двете делници на пратениците со безбедносен сертификат. Но, Ковачевски да одговор на опозциските пратеници, испрати допис до Џафери дека владин тим е подготвен да го презентира контроверзниот документ во парламентот.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
