Македонија
6. August 2026 - 16:32

Онколошките пациенти бараат редовна терапија и трајно решение на проблемот со набавка на лекови

Редовна терапија и трајно решение на проблемот со набавката на лекови од пред министерството за здравство побараа онколошки пациенти. Иако од вчера почнала да пристигнува дел од терапијата за рак на дојка и на дебело црево која ја немаше изминатиот период, од здружението ХЕМА ОНКО инсистираат во иднина тешко болните да не доведуваат во неизвесност дали ќе добијат цитостатици, зошто ваквите ситуации се случуваат со години без разлика кој е министер.

-Тука сме само да потсетиме дека нема да молчиме доколку недостига терапија за онколошките пациенти, рече Ана Марјановиќ, онколошки пациент од здружението ХЕМА ОНКО.

Од ХЕМА ОНКО побараа и долгорочни системски решенија во борбата против ракот, да се стави поголем акцент на превенцијата и онколошките пациенти да не се користат во дневно политички препукувања.

По завршување на изјавата тие беа примени од заменик министерот за здравство. На средбата ги посочиле децениските проблеми со кои се соочуваат.

-На средбата беше разгледана и состојбата со онколошката терапија, како и мерките што се преземаат за надминување на долгогодишните предизвици со кои се соочуваат пациентите. Беше посочено дека е обезбедено рекордно зголемување на буџетот за онкологија и дека се работи на подобрување на достапноста и континуитетот на терапијата, соопштија од министерството.

Од Клиниката за онкологија пак информираа дека краткотрајното доцнење на испораката на мал дел од препаратите кои се на позитивната листа било поради објективни причини, меѓу кои зголемен број на пациенти меѓу две набавки како и недостиг кај дистрибутерите.

Од установата нагласуваат дека во ниту еден момент не било доведено во прашање континуитетот и квалитетот на лекувањето на пациентите.