Охридскиот аеродром со ново лице, поголем капацитет и подобри услови за патниците

Охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ од денеска е со зголемен капацитет, подобрени услови за патниците и персоналот, но и со освежено лице. На Денот на независноста – 8 Септември, во употреба беше пуштена реконструираната терминална зграда, чии простории се современо уредени и украсени со реплики на мозаици и фрески од богатото културно наследство на Охрид.
Со инвестиција од 2,7 милиони евра, на охридскиот аеродром е модернизиран патничкиот терминал, со зголемен број шалтери и проширен простор за чекирање, унапредени зони за безбедносна контрола и рачен багаж, реорганизиран паркинг, како и современа опрема и технологија за побезбедно и поефикасно опслужување на патниците.
На свеченоста по повод ставањето во употреба на новите аеродромски простории се обрати вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николовски, кој истакна дека реконструкцијата претставува значаен чекор во унапредувањето на аеродромската инфраструктура, посочувајќи дека објектот со својот нов изглед ја отсликува поврзаноста со Охрид и регионот.
– Мислам дека нема поголем ден, денот на независноста – 8 Септември, за да се отвори еден навистина прекрасен објект. Објект кој со својата модерна и впечатлива боја го доловува она што е најважно за Охридското Езеро и за целиот Охридски Регион, рече Николовски.
Тој потсети дека последните големи интервенции на охридскиот аеродром биле направени во 1970 година, поради што терминалната зграда и просториите за поаѓање и пристигнување со децении функционирале во исти или слични услови.
Според Николовски, реконструкцијата е дел од пошироките активности на Владата за подобрување на инфраструктурата во земјата, при што особено значење за охридскиот аеродром има изградбата на автопатот Охрид – Кичево.
– Веќе делот до аеродромот е завршен, веќе може од Охрид до аеродромот да се стигне по автопат. Се стигнува до една убава клучка, која навистина е убаво хортикултурно уредена, рече Николовски.
Тој очекува најтешката делница од автопатот да биде отворена во следните месеци, а целиот автопат да биде пуштен во употреба во текот на првото полугодие следната година. Паралелно, продолжуваат активностите на останатите делници, кои треба да овозможат подобро поврзување со Скопје и со скопскиот аеродром.
Николовски нагласи дека развојот на патната и железничката инфраструктура оди паралелно со развојот на аеродромите, во рамки на концептот Македонија да се позиционира како „Раскрсница на Балканот“.
– Иако Македонија нема излез на море, токму развојот на овие два коридори значи многу за Македонија. Паралелно со развојот на автопатиштата и железницата, оди и развојот на аеродромите, и тоа го правиме, нагласи тој.
Министерот посочи и на растот на бројот на патници. Скопскиот аеродром во периодот од јануари до јуни годинава има над 240 илјади патници, додека двата македонски аеродрома заедно се очекува годинава да достигнат близу четири милиони патници.
Како дел од реконструкцијата, Николовски ги издвои и мозаиците поставени во терминалната зграда, кои се реплика на оние од Стариот град на Охрид, особено од Плаошник, како и репликата на фреските од катедралната црква „Света Софија“.
– Овој аеродром е еден мал музеј кој го претставува регионот и се надевам дека сите кои ќе патуваат од тука ќе уживаат, рече Николовски.
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека модернизацијата на охридскиот аеродром ќе придонесе за зголемување на бројот на патници и авиокомпании што ќе го користат, а со тоа и за развој на туризмот и локалната економија.
– Охридскиот аеродром е значајна алка, пред сè, за развојот на целокупниот регион, за развојот на Македонија како држава, но истовремено и за развојот на Охрид, Струга и останатите општини кои се во близина, рече Мицкоски.
Тој посочи дека зголемувањето на воздушниот сообраќај носи и поголем туристички потенцијал, што директно се одразува врз економијата.
Според Мицкоски, резултатите од работењето на охридскиот аеродром годинава веќе покажуваат нови рекорди. Тој информираше дека е забележан ден со повеќе од 3.000 патници, што е најголем број во еден ден во историјата на аеродромот, како и ден со повеќе од 20 полетувања.
– Тоа е значајна бројка, бројка која што е само почеток. Јас сум убеден дека во периодот што претстои, со овие градежни активности и со поддршката што ја даваме како Влада, овие бројки ќе се дуплираат, ќе се триплираат и ќе дојдеме до бројки кои што претставуваат наши нови таргети, оцени премиерот.
Мицкоски рече дека целите поставени пред нешто помалку од 20 години одамна се надминати и дека сега се поставуваат нови таргети, кои треба да бидат заедничка агенда на концесионерот и Владата.
Во тој контекст, тој најави продолжување на инвестициите во инфраструктурата со цел Македонија да ја искористи својата стратешка позиција и да се развива како значајна сообраќајна крстосница во регионот.
– Знам дека имаме сè уште многу проблеми за решавање, знам дека можеби сè уште не се живее онака како што посакуваме да се живее, но исто така сум убеден дека со сите овие инвестиции што ги прави македонската Влада, со сите овие активности што ги правиме како Влада, денеска Македонија е многу подобро место за живеење од тоа што беше пред три години, рече Мицкоски.
Тој изрази уверување дека во следните три години земјата ќе бележи дополнителен напредок, нагласувајќи ја мотивираноста на Владата и поддршката од граѓаните.
Извршниот директор на ТАВ Македонија, Серкан Каптан, нагласи дека реконструкцијата е реализирана без прекин на работењето на аеродромот.
Тој информираше дека во изминатите 16 години ТАВ во македонските аеродроми инвестирал речиси 300 милиони евра, а поврзаноста и годишниот обем на сообраќај се зголемени за четири пати.
– Во 2026 година македонските аеродроми се најбрзо растечките аеродроми во Европа, а постигнавме раст од речиси 30 проценти до август во споредба со истиот период во претходната година, рече Каптан.
Тој посочи дека охридскиот аеродром го забележал најуспешниот јули во својата историја, со нови рекорди во бројот на патници и искористеноста на терминалните капацитети, изразувајќи надеж дека Охрид ќе се развива како главен авијациски центар во регионот.
МИА
Ново на Сител
-

Мицкоски: Да бидеме генерацијата која ќе ја внесе државата во ЕУ, но нема компромиси за идентитетот, јазикот и културата
-

Лавров: Русија е подготвена за преговори за решавање на украинското прашање
-

Мицкоски: Верувајте во нашата татковина, покажавме дека можеме да победуваме
-

Повреден 48-годишник при пукање во Арачиново
-

Приведен 48-годишник кој барал пари две години за да не објави интимни фотографии
-

Повозрасна жена нападнала малолетно девојче во Кисела Вода
-

Македонските одбојкари пред полни трибини на отворањето на ЕП во Софија
-

Сиљановска Давкова: 8 Септември трајна обврска за секоја генерација да ја направи подобра државата
