Македонија
17. January 2023 - 12:18

Охрид подготвен за Водици

Охрид подготвен за најмасовната верска манифестација Богојавление- Водици. Нуркачите деновиве го чистеа дното на Охридското езеро а уредено е и градското пристаниште каде граѓаните ќе влегуваат по чесниот крст.Бројни верници но и капачи се очекуваат да присуствуваат на манифестацијата во Балканскиот Ерусалим.

„Буквално од локалната самоуправа, јавните претпријатија, Дебарско-Кичевската епархија, Црвениот Крст, нуркачките клубови, здравствените установи во Охрид, пожарната и т.н., СВР Охрид ако не ги споменав се сите оние задолжени денот да изгледа онака како што изгледа величествено“, изјави Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид

Богослужби ќе има во сите парохиски цркви по што верниците во литии ќе се упатат кон градското пристаниште од каде во 10 часот ќе биде положен светиот крст во водите на Охридското Езеро.

Положувањето на светиот крст во водите на Охридско Езеро на градското пристаниште ќе започне во 10 часот. Централната богослужба ќе биде во храмот „Успение на Пресвета Богородица – Каменско“ со која ќе чиноначалствува неговото високо преосвештенство митрополитот на Дебарско-кичевската епархија г. Тимотеј. Богослужби ќе има и во сите парохиски цркви во стариот дел од градот од каде што потекнува традицијата во храмот „Свети Никола Ѓеракомија“, во црквата „Свети Ѓорѓи“- Горна Влашка Маала и во сите останати градски цркви, вели Ристески.

Чествувањата и обичаите поврзани со Водици во Охрид, продолжуваат и на 20-ти јануари со Денот на рибарите и празникот Свети Јован Крстител. Уникатната манифестација со традиционалното капење на рибарите и годинава ќе се одржи на месноста „Сараиште“ и ќе биде надополнета со повеќе културни и забавни содржини.