Македонија
16. јуни 2026 - 16:29

Од денеска нема мерки за горивата, Пазарната инспекција подготвува нов извештај за цените во маркетите

По три месеца, од денеска нема мерки за горивата. На полноќ истече важноста на намалените акцизи за дизелот и бензините, а не е во сила ниту попустот од најголемиот снабдувач. Со укинувањето на мерките, цените на горивата забележаа мал раст. Од денеска Бензинот БС-95 и дизелот се точат по 87,5 денари, а 98-октанскиот бензин се продава по 90 денари по литар.

Допрва ќе се прави анализа колку ја чинеше државната каса намалувањето на ДДВ-то од 18 на 10% и кратењето на акцизите.

Со договорот меѓу САД и Иран, премиерот Мицкоски гледа крај и на енергетската криза. Задоволен е како државата успеала да се справи со сите предизвици. Вели дека актуелната инфлација од 4,8% е четири пати пониска во споредба со периодот од пред четири години, кога почна војната во Украина, а инфлацијата достигнуваше и до 20%.

„Таа е разликата, повторно 3 спрема 1. Бидејќи гледам дека некој ја цитира инфлацијата, којашто во една моја изјава јас реков дека имаме најниска во регионот, јас стојам позади тоа. Една од најниските во регионот, и тогаш кажав и сега ќе кажам. Да речеме, годишната инфлација во Грција е над 5%. Во Бугарија и Романија е двоцифрена во проценти. Во Хрватска е исто така над 5%. Косово е близу двоцифрен број во во проценти. Единствени земји во регионот коишто имаат околу 3,5, помеѓу 3,5 и 4% се Србија и Албанија. И затоа јас реков, ние имаме една од најниските инфлации. Да речеме, Турција оваа година годишната инфлација ѝ е над 30%, 31-32%“, изјави премиерот Мицкоски.

За да нема неосновано поскапување, премиерот уште на почетокот на кризата имаше средба со претставнци на маркетите. Дали си останаа на зборот, проверува пазарниот инспекторат. Првиот пресек на нивните контроли покажа дека трговците сами си намалиле дел од заработувачката за да нема нагло зголемување на цените.

Што покажале новите контроли во периодот од 15 мај до вчера, ќе покаже новиот извештај на Пазарна кој треба да го добие Министерството за економија следната недела.

Од Владата неколкупати досега кажаа дека доколку се утврди неосновано поскапување, меѓу можните мерки останува и укинувањето на ДДВ-то за прехранбените производи.