Македонија
28. јуни 2023 - 16:46

Обвинителството го заврши увидот во предметите за Мерко, потребно е време за анализа поради обемниот материјал

Обвинителството ја заврши внатрешната истрага за случајот Мерко, но за резултати ќе почекаме. 

„ Комисијата на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија задолжена да изврши вонреден надзор на заведените предмети против Рамиз Мерко, градоначалник на Општина Струга изврши увид во сите завршени и предмети во работа против ова лице во Основното јавно обвинителство Струга, Вишото јавно обвинителство Битола и во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Притоа, заради обемноста на преземените дејствија и сложеноста, дел од предметите се уште детално се проучуваат и се анализираат. По завршувањето на проверките, Комисијата ќе изготви извештај со насоки за постапувањето во конкретните предмети, велат од Обвинителството. 

Правосудниот систем е местото кое што власта очекува да ги даде одговорите за тоа како Мерко се најде на црната листа на САД под обвинение за сериозен криминал и корупција истовремено кога во Македонија за него нема ниту една активна кривична пријава. 

Опозицијата не е изненадена. ВМРО-ДПМНЕ денеска објави слика на шефот на обвинителството за организиран криминал со таткото на Дрин Ахмети кој си купи дел од Соравија и за кого министерот Спасовски вчера виде простор да се отвори истрага.

Во САД будно ја следат состојбата. Во пресрет на најавеното проширување на црната листа, заменик-помошникот секретар за одбрана на САД за Гласот на Америка порачува дека владеењето на правото има влијание и на вкупната безбедност во земјава.

Во моментов серија скандали се поврзуваат за владејачката ДУИ. Покрај Мерко, во фокусот е и случајот Ахмети, а правосудниот систем до овој момент официјално нема поднесено ниту една кривична пријава.