Македонија
30. April 2026 - 16:32

Обвинета во случајот „ИПАРД“ призна вина

Со признание на вина почна судењето за злоупотреба на средства преку ИПАРД програмата. Јасмина Костадинова од министерството за земјоделство призна дека зела поткуп, па пресудата за неа, судот ќе ја објави во вторник. За останатите осуммина, судењето ќе продолжи на 11 мај.

Јасмина Костадинова која е обвинета за злоупотреба на пари од ИПАРД програмата призна вина на стартот на денешното судење. Со неа на обвинителна клупа седат уште осуммина, а меѓу нив и поранешниот директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството, Илија Стоилев.

Како вработена во Министерството за земјоделство, Костадинова е обвинета за примање поткуп и кај неа полицијата пронашла 2 илајди евра. Судот во вторник ќе ја објави пресудата, а обвинителството побара да биде огласена за виновна.

„ЕУ очекуваше да види како државата ќе постапи во вакви случаи кога се случуваат постапување од страна на поединци кои се носители на највисоки функции во Агенцијата кои одлучуваат токму за доделување на овие средства од ИПАРД фондовите. Во прашање е не само фондовите на европските даночници, туку во прашање е кредибилитетот на државата пред ЕУ. Обвинителството е задоволно што ЕК сепак одлучи да ги одмрзне овие средства“, изјави Наташа Поп Трајкова, Јавен обвинител во ОЈО ГОКК.

36 годишната Костадинова плачејќи пред судот рече дека се кае за стореното, а нејзината одбрана побара поблага казна.

„Истата, уште во фазата на истрага суштински го има признаено кривичното дело, дека истата се кае, досега не е осудувана. Факт е дека со потврда за одземени предмети се одземени 2 илјади евра“, изјави Ѕвонко Давидович, адвокат на Јасмина Костадинова.

Во случајот првообвинет е поранешниот министер Џевдет Насуфи кој со понуден поткуп од 50 илајди евра, потпишал договор за користење на пари од ИПАРД програмата, иако неговата фирма не ги иполнувала условите. Според обвинителството, измамата била направена со помош на ексдиректорот на платежната агенција Стоилев и неколкумина вработени. За нив судењето ќе продолжи на 11 мај.

„Обвинителството располага со доволно материјални докази, докази прибавени со ПИ мерки, како и докази од извлечени податоци од електронски уреди со кои ќе докаже вина на останатите обвинети“, изјави обвинителката Трајкова.

Завчера Министерот за земјоделство информираше дека ИПАРД средствата се повторно достапни за македонските земјоделци, откако Брисел утврдил дека нема неправилности во постапките, а институциите постапувале правилно.