Нови онлајн услуги за земјоделските производители, преработувачите, винарниците и извозниците
Македонските компании отсега преку порталот uslugi.gov.mk ќе можат електронски да добиваат два сертификати, без да одат во Државниот инспекторат за земјоделство.
Станува збор за Уверение за квалитет за земјоделски производи, преработки и стоки и В1 сертификат за извоз на вино.
Министерот за дигитална трансформација Андоновски рече дека овие услуги треба да им помогнат на компаниите побрзо да доаѓаат до потребните документи, што е важно за нивното работење и за извозот.
„За една компанија, времето потребно за добивање документи не е само административно прашање. Тоа е дел од трошокот за работење, од брзината на производството и од нејзината конкурентност. Доколку институциите доцнат, доцни и компанијата. Доколку постапката е сложена, растат трошоците и се намалува можноста за развој и извоз. Затоа за нас дигиталната трансформација не претставува само воведување нова технологија, туку претставува промена на начинот на кој функционира државата и на односот што институциите го имаат кон граѓаните и компаниите“, рече Андоновски.
Освен што документите ќе се издаваат во електронска форма со иста правна важност како и хартиените, целосно е дигитализирано и плаќањето на административните такси, што според надлежните ќе ги намали трошоците и ќе ја забрза постапката за компаниите.
„Со оваа дигитализација се поедноставува целокупната постапка за користење на услугите, се скратува времето потребно за добивање на сертификатите, се елиминира потребата од нивно лично подигнување во Инспекторатот и се намалуваат финансиските трошоци што компаниите ги имаат при користењето на овие услуги“, рече директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Ивица Ангеловски.
Андоновски најави дека од септември почнува ИПА-проект преку кој ќе се развијат 51 нова електронска услуга. Паралелно, ќе се дигитализираат уште околу 60 услуги од десетина институции, откако ќе се поедностават процедурите. Тој најави и воведување систем со кој управителите ќе можат да овластуваат и други вработени да користат електронски услуги во име на компанијата, наместо тоа да го прави само одговорното лице.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
