Македонија
8. October 2023 - 16:32

Нови анкети – Кој лидер има највисока доверба, која политичка партија има највисок рејтинг

Рејтинг анкети на политичари и партии почнаа да ја крстосуваат политичката сцена пред изборите. Сепак, најголем процент кај граѓаните на нив не се определуваат за кого би гласале или кој политичар им е омилен.

Според анкетата направена кон крајот на септември, а која ја објавува порталот Мкд.мк, над две третини или 69,7% од испитаниците немаат доверба во ниту еден лидер на политичка партија на македонската политичка сцена.

Од оние кои се изјасниле, најголема доверба ужива лидерот на ВМРО-ДПМНЕ–Христијан Мицкоски со рејтинг од 12, 3 отсто, потоа следува лидерот на ДУИ Али Ахмети со 3,7 отсто, па премиерот и лидер на СДСМ Ковачевски со рејтинг од 3,5 отсто и Апасиев на Левiца со 3,1 отсто.  Бројките покажуваат дека рејтингот на опозицискиот лидер е за 4 пати повисок од оној на премиерот.

Споредено со резултатите од исто истражување во јуни и февруари, се заголемил видно бројот на граѓани кои немаат доверба во ниту еден политичар. Благо зголемување има кај Мицкоски од 1 отсто, но пак, затоа се бележи тренд на опаѓање на кај Ковачевски кој пред половина година уживал рејтинг од 8,2 отсто.

Опозицијата во предност и во партиските рејтинзи.  Една четвртина од испитаниците изјавиле дека на наредните избори ќе гласаат за  ВМРО- ДПМНЕ (25,1%), а потоа следуваат ДУИ со 9,7%, СДСМ со 9,5% и Левица со 7,1%. Најголема промена во довербата на гласачите и тоа пад има кај СДСМ која во февруари уживала рејтинг од 12,4 отсто.

Повеќе од половина од испитаниците сметаат дека ниту една од постојните партии нема капацитет да реализира најдобра економска програма. Сепак, најголем дел од граѓаните имаат доверба дека тоа може да го стори ВМРО-ДПМНЕ.

На гласање според анкетата би излегле 52, 2 од граѓаните, што е помалку од претходните анкети.

Истражувањето било направено телефонски, на репрезентативен примерок од 1200 испитаници според последниот попис во периодот од 18 до 25 септември.

Спротивно на оваа анкета, неделникот Фокус за утре најавува анкета со сосема поинакви резултати. На прашањето за кого од овие би рекле дека е Ваш  омилен политичар: Ковачевски има рејтинг од 12,8, веднаш зад него е поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Груевски со 11,1 отсто, па потоа следува Мицкоски со 10,5 отсто  и поранешниот лидер на СДСМ Заев – 7,4 отсто.

Иако нема информација кога и како е спроведена анкетата, Фокус се сомнева дека рејтингот на Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ опаѓал поради судирот со Груевски.