Преглед на вестите од светот
Во Русија утрово беа отворени гласачките места за тридневните парламентарни избори, првите откако Москва ја започна својата целосна војна во Украина во 2022 година. Русите ќе гласаат од петок до недела за да изберат членови на Државната дума, долниот дом на парламентот.
Гласањето доаѓа во време кога Русија се бори со забавување на економијата и украинските беспилотни летала врз рафинерии и магацини далеку од фронтовските линии.
Се очекува „Единствена Русија“, владејачката партија што го поддржува претседателот Владимир Путин, да го задржи своето доминантно мнозинство.
Генералното собрание на Обединетите нации усвои резолуција со која му се дозволува на палестинскиот претседател Махмуд Абас учество во овогодишната општа дебата преку видео, по одбивањето на САД да му издадат виза.
Резолуцијата, беше усвоена со 152 гласа „за“, 3 „против“ и 4 „воздржани“, одлучува дека Палестина може да поднесе претходно снимена изјава од Абас, која ќе биде пуштена во салата на Генералното собрание за време на општата дебата на 81-та сесија по воведот од нејзиниот претставник кој е физички присутен.
Резолуцијата, исто така, одлучува дека Палестина може да дава изјави преку видеоконференција или да поднесува претходно снимена изјава на состаноците на меѓународната конференција на високо ниво за мирно решавање на прашањето за Палестина и спроведување на решението за две држави.
САД во среда ги продолжија визните ограничувања за палестинските функционери, вклучително и за претседателот Абас, спречувајќи го лично да присуствува на неделата на високо ниво на Генералното собрание на ОН втора година по ред.
Централната команда на САД соопшти дека во четврток нејзините сили на Блискиот Исток „пренасочиле 104 комерцијални бродови за да обезбедат строго почитување“ на поморската блокада на САД против Иран.
По нападите на САД и Израел врз Иран на 28 февруари, Техеран го ограничи преминот низ Ормутскиот теснец, а САД воведоа поморска блокада насочена кон бродовите што патуваат до или од иранските пристаништа и крајбрежни области.
Еден маж почина во шпанскиот град Оливела, 51 км југозападно од Барселона, откако неговиот автомобил беше однесен по поројните дождови соопштија каталонските власти. Телото на 48-годишникот беше пронајдено во текот на вчерашниот ден откако сведок ги известил властите за автомобил кој паднал од патот.
Во некои области надојдените води од поплавата целосно ги потопија патиштата, беа регистрирани над 90 литри дожд на квадратен метар.
Поројните дождови ја натераа државната метеоролошка агенција на Шпанија, да издаде црвено предупредување за времето за одредени делови и портокалово предупредување во други делови. Можни се затворање на патишта, доцнења во транспортот и откажувања на летови.
-

Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар
