Македонија
17. September 2026 - 16:35

МВР ја казни жената што излезе од својот автомобил да фрли ѓубре во Лепенец

Сцена од скопските улици денеска го привлече вниманието на социјалните мрежи. На снимката забележана кај мостот каде што Лепенец се влева во Вардар, жена со луксузно Порше го запира возилото среде улица, излегува од автомобилот и ја истура кесата со ѓубре директно во реката. Пред да влезе назад во автомобилот, таа забележува дека е снимана од друго возило, па со насмевка и мавта на камерата и довикува „Чао“. Снимката брзо се рашири на интернет и покрена бран дискусии за односот на граѓаните кон природата.

Полицијата ја идентификувала 38 годишната жена и ја повикала на службен разговор во полициска станица. Напишни и се казни за отпадот кој го фрла на непрописно место и за непрописно паркирање. 

По документирање на случајот, на лицето му е изготвен платен налог согласно член 14 став 1 од Законот за јавна чистота, поради фрлање амбалажа надвород места определени за таа намена, како и записник со платен налог согласно член 63 став 6 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, поради непрописно паркирано патничко моторно возило на коловозна лента.

Според екологистите, мора да се воведат повисоки казни и да се вработат комунални инспектори во сите општини. Совесните граѓани можат само да снимаат и да пријавуваат, но институциите мора да ја преземат контролата за да се спречат ваквите активности и загадувањето на животната средина. 

Оваа случка доаѓа само неколку дена по речиси идентичниот инцидент кај реката Радика, кога маж беше снимен како со возило застанува на мост и фрла со отпад од канта во водата. Видеото, објавено од спортското риболовно друштво Трофта, предизвика реакција кај надлежните, по што Општина Дебар информираше дека сторителот е идентификуван од страна на општинскиот инспекторат и е казнет.