Македонија пред носење на првата Национална стратегија за Вештачка интелигенција
Македонија пред носење на Национална стратегија за Вештачка Интелигенција. Утре за првпат ќе биде презентиран првиот драфт документ кој ќе треба да ги обликува идните чекори на државата во поглед на технологијата која го менува светот.
- Краток документ со многу конкретни задачи за институциите. Се надевам дека потоа ќе ја закачиме истата на ЕНЕР и ќе организираме неколку јавни расправи. Очекувам дека до крајот на годината ќе ја донесеме и очекувам дека една од активностите на Стратегијата ќе биде, можеби, размислуваме, донесување на Закон за употреба на Вештачката интелигенција. Значи, не регулирање на производство или на создавање на ВИ, туку повеќе на правилното, етичко и принципиелнот користење за добро на ВИ, вели министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
Додека Македонија работи на првиот официјален документ поврзан со употребата на АИ, во Соединетите Американски Држави сѐ повеќе се разгорува дебатата околу регулацијата за тренирање на сѐ поинтелигентни јазични модели. Ситуацијата е парадоксална. Од една страна, поранешни и сегашни истражувачи од компаниите кои предличат во АИ трката, како OpenAI и Antropic, бараат регулација зашто стравуваат дека човекот би можел да изгуби контрола врз автономните агенти, претседателот Доналд Трамп не сака ни да чуе за регулација, бидејќи токму инвестициите во дата-центри се тие кои во последните две-три години ги движат берзите.
Директорот за АИ на Мајкрософт, Мустафа Сулејман во интервју за Би-Би-Си вели дека креаторите на оваа технологија мора да бидат многу претпаазливи, особено околу автономното дејствување бидејќи тоа би можело да доведе и до создавање на нов вештачки вид.
- Сметам дека ако сите создадеме системи со вештачка интелигенција способни да дејствуваат автономно – да си поставуваат сопствени цели, да заработуваат пари, да поседуваат имот и да управуваат со бизниси – ние всушност го поставуваме темелот на нов вид заснован на силициум, кој несомнено ќе се натпреварува со нас за ресурси, без оглед на тоа колку се грижи за човештвото или колку нè сака, вели Сулејман.
Речиси во истовреме, поранешниот истражувач во OpenAI, Даниел Кокотајло предупредува дека во доколку компаниите не најдат начин како да ги контролираат принципите и вредностите на Вештачката интелигенција, таа би можела да го лаже човекот за своите намери.
- Некои од нас се обидуваат да ги исклучат, но наидуваме на отпор од други луѓе кои сметаат дека тоа сè уште не е неопходно – а таквиот став ќе опстои и во иднина. Всушност, кога системите со вештачка интелигенција ќе станат многу паметни, тие ќе внимаваат да не направат ништо што би ги навело сите да се согласат дека треба да бидат исклучени – сè додека не стекнат доволно реална моќ за да можат да им се спротивстават на сите што се обидуваат да ги исклучат, вели Кокотајло.
Дебатата во САД се разгоре откако беше обелоденето дека речиси без исклучок, сите компании кои ги развиваат најинтелигентните модели имале безбедносни пропусти, односно автономни агенти побегнале од т.н. „Sandbox“ лабораторски услови и пристапиле до отворениот интернет, па дел од нив извршиле и хакерски напади врз трети компании.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
