Македонија
15. September 2026 - 16:35

Нова кривична пријава за Стевчо Јакимовски

Само што излезе од затвор, екс градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски доби нова кривична пријава. МВР го сомничи за несовесно работење бидејќи според пријавата во два наврати наплатил комуналии за парцели за кои деталниот урбанистички план Уставниот суд го укинал уште во 2018та. Интересно е што Јакимовски претходно два пати го одбивал барањето на истиот инвеститор, а на службите во Карпош им дал насоки да не издават одобренија за градба на овие парцели. Покрај него се сомничат и раководителката и уште една вработена во општинскиот сектор за урбанизам.  

„Oткако прво Јакимовски потпишал договори со инвеститорите за регулирање на надоместокот за уредување на градежно земјиште без да изврши увид дека тие договори се однесуваат на барања поднесени за локација за која бил укинат ДУП и за кои самиот дал насоки да не се издаваат одобренија за градење, прво и второпријавените на 23.07.2025 на инвеститорите им издале Одобрение за градење, со што им овозможиле на инвеститорите противправно да се стекнат со право на изградба на објект во вредност од 10.427.518 денари“ – се вели во соопштението на МВР

Двете службенички ќе одговараат и за уште два други случаи каде се пријавени дека издале дозволи за градба врз основа на проект кој не бил во согласност со урабнистичкиот план.

Јакимовски во април лани беше осуден на 3ипол години затвор за бесправно градење на зградата во која функционираше општина Карпош. Апелација укина дел од пресудата со што казната му се намали на 1 година. Во јули тој се пријави во Шутка каде требаше да одлежи околу 6 месеци имајќи предвид дека остатокот од казната го помина во куќен притвор. 

Минатата недела Врховниот суд ја укина оваа пресуда и предметот го врати на повторно судење со што Јакимовски доби можност да излезе на слобода.