Македонија
4. September 2026 - 16:53

Повреденото дете се уште критично

13-годишното дете со убодна рана в срцето е во стабилна, но се уште во животнозагрозувачка состојба. Здравствените власти за Сител велат дека неговата состојба будно се следи.

13-годишникот беше тешко повреден во крвава тепачка. Во инцидентот биле вклучени вкупно 5 лица, кои полицијата ги приведе, додека мотивите за крвавата тепачка се уште се непознати.

Во меѓувреме, МОН и Град Скопје кројат сет мерки за намалување на врсничкото насилство. Јаневска вели дека МОН предвидува континуирани активности за спречување на врсничкото насилство и воспоставување стабилен систем кој ќе делува превентивно. Таа посочи дека Владата презела повеќе проекти и законски измени, како и промени во училиштата, со цел да се спречи и санкционира врсничкото насилство.

„Во овој момент, разговорите со Град Скопје се одвиваат меѓу службите, ќе се договориме со градоначалникот се што треба да спроведуваме. Јас реков дека тоа ќе бидат континуирани проекти – за да не бидат проекти како проекти туку да се воспостави еден стабилен систем кој континуирано ќе делува врз врсничкото насилство, изјави денеска министерката за образование и наука, Весна Јаневска.

И општина Чаир ги презеде првите чекори за создавање платформа што ќе ги собере општината, училиштата, психолозите, наставниците и родителите. Целта е да се создаде работна група во секоја општина со претставници на општината, училиштата, стручните служби и родителите. Овие групи ќе ги координираат превентивните активности и одговорот кога ќе се случи случај на насилство.

Поради големиот и зачестен број на случаи поврзани со врсничко насилство, како оној во април годинава кога шестоодделена беше тепана, горена со цигари и присилувана да јаде измет од куче, и оној летово во јули во Куманово кога беа поднесени кривични пријави против малолтнички кои малтретираа и понижуваа нивна врскичка, МОН презеде низа активности.

Оттогаш направени се промени во училиштата во однос на распоредот на наставниците, додека зконските измени со кои треба парично да се санкционираат родителите чии деца вршат насилство, се уште се во Собраниска процедура.