Мицкоски: Нема да се откажеме од градење дата центри во Македонија
Дата центрите се иднината на човештвото и Владата ќе го преземе институционалниот ризик и ќе ги изгради. Струјата ќе ја плаќа оној што ќе ја троши, а во денешно време има многубројни начини за ладење на овие центри, вели премиерот Мицкоски. Македонија треба да одлучи дали сака да биде лидер во регионот или на дното, но од оваа индустрија Владата нема да се откаже.
Планот на Владата е со грант од Европската Унија да се изгради национален дата центар кој ќе ги собира податоците од сите институции и ќе ги штити од сајбер напади, а ќе биде поврзан со секундарниот дата центар во Прилеп.
Од опозициската СДСМ велат дека немаат ништо против инвестиции кои носат развој, работни места и нови технологии. Но, инвестициите мора да бидат во интерес на Македонија, а не ресурсите на Македонија да се ставаат во функција на туѓи профити.
- Мицкоски не кажува колку струја и колку вода ќе трошат дата-центрите. Не кажува дека земјоделците може да немаат вода за нивите и дека граѓаните ќе плаќаат повисока цена за струјата. Македонија нема ресурси за експерименти зад затворени врати. Особено не со водата. Во држава во која граѓаните веќе се соочуваат со проблеми со водоснабдувањето, загадени реки и труења во Гостивар, власта планира огромни потрошувачи на вода без да ги објави основните анализи. Истото важи и за струјата. Македонија нема стабилен енергетски систем за Мицкоски однапред да ветува државни ресурси без јавноста да знае колку ќе чини тоа и кој ќе ја плати сметката. Ова не е стратегија за развој туку опасно коцкање со водата, струјата и земјата на граѓаните.
Премиерот вчера соопшти дека веќе се преговара со пет до шест потенцијални инвеститори за изградба на дата центри во Македонија.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
