Преглед на вестите од светот
Најмалку 14 новороденчиња загинаа во пожар во државна болница во главниот град на Пакистан, Исламабад, соопшти премиерот, додека локалните медиуми за трагедијата обвинија дефект на климатизацискиот систем. Огнот започнал околу 7 часот наутро во Пакистанскиот институт за медицински науки (PIMS), на третиот кат од одделот за здравствена заштита на мајки и деца.
Инцидентот е меѓу Најсмртоносните болнички пожари во последниве години во земјата, каде што државното здравство е субвенционирано, но капацитетите се со недоволно ресурси и преоптоварени, додека телата за надзор често ги критикуваат државните установи за лошо управување. Во одделот имало 16 новороденчиња кога избувнал пожарот, од кои едно било спасено. Кабинетот на премиерот соопшти дека тој им наредил на властите да спроведат итна истрага.
Борбата со огната стихија продолжува низ целиот регион, каде што сушата и високите температури го отежнуваат гаснењето на десетиците активни пожари. Најтешка е ситуацијата во Босна и Херцеговина, посебно во Требиње, каде што огнот се приближи до градските населби и ја покри регијата со густ чад.
Во Црна Гора критично е на повеќе локации во Подгорица, Херцег Нови, Даниловград, Цетиње, Никшиќ и Бијело Поље. Во гаснењето интензивно е вклучена и воената и полициската авијација, која исфрли стотици тони вода врз најпо погодените подрачја.
Тропскиот циклон Гаенари ја поплави кинеската провинција Фуџијан, преливајќи ги реките и претворајќи цели населби во градот Лонгјан во огромни водени површини. Властите во Чуанжоу го подигнаа предупредувањето за дожд на највисокото прво ниво, додека метеоролошката опсерваторија во Ѓинѓанг издаде црвен аларм за обилни врнежи.
Тајфунот Гаенари првично удри на копното во провинцијата Фуџијан во понеделникот напладне, а оттогаш ослабна во тропска бура. Според Кинеската метеоролошка администрација, тропските циклони Гаенари и Атсани, заедно со тајфуните Нара и Саудел, формираат редок квартет од четири бури кои истовремено се движат низ северозападниот Пацифик и Јужното Кинеско Море.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
