Македонија
24. August 2026 - 16:34

Лидерот на СДСМ обвини дека ПЕТ Центарот повторно не работи

Откако во петокот беа снимени 10-тина пациенти после 2,5 месеци застој, претседателот на СДСМ обвини дека повторно не работи ПЕТ Центарот. Венко Филипче побара властите веднаш да го решат проблемот и да не ги загрозуваат животите на болните од рак.

-Се работи за околу 15 пациенти на ден коишто се најтешко болните пациенти, коишто имаат рак, на коишто животот им зависи од тоа снимање, затоа што тоа снимање ја одредува терапијата или модификацијата на терапијата во зависност од стадиумот во којшто се наоѓа болеста. Сега се во ризик. Два и пол месеци не работи досега. Итно да се среди овој проблем. Како знаат и умеат, уште утре да биде ПЕТ-центарот во функција. Директно се загрозува здравјето и животот на најтешко болните пациенти во државава, изјави Венко Филипче, претседател на СДСМ.

Државата минатата недела набави радиофармацевтици за 10-тина пациенти од Истанбул кои се користат за откривање на рак или одредување на раширеноста на болеста, бидејќи поради недостиг на специјално масло не работи пумпата на единствениот циклотрон во јавното здравство и не може да произведува радиоизотопи кои се потребни за ваквите снимања.

Во меѓувреме министерот за здравство најави дека секојдневно ќе се врши набавка на радиофармацентик од Турција, но поради технички проблем денеска не била извршена достава.

-Од утре повторно ќе има достава, изјави Сашо Клековски, министер за здравство.

Од Институтот велат дека за утре биле планирани 10 пациенти, а во однос на маслото извозните дозволи од Белгија биле во тек.

-Очекуваме до крај на месецот да стигне. УИ за ПЕТ прави максимални напори да ги обезбеди сите потребни ресурси за непречено функционирање, информираат од од таму.