Македонија
22. August 2026 - 16:46

Скулптурите од колонијата „Марко Цепенков - Дрен 2026″ ќе бидат поставени низ парковите во Прилеп

Ликовната колонија “Марко Цепенков -Дрен 2026″ што по 18 пат ја реализира Центарот за култура од овој град е во полн ек. Годинава специфично е тоа што комплетно колонијата е посветена на концептот на монументална скулптура. Се работат скулптури од метал и мермер, а местото на творење е дворот во Тутунскиот комбинат во Прилеп. Овие скулптури потоа ќе бидат поставени во парковските површини во градот.
 
„И сега кога ги гледаме уметниците како работат можеме да ја осетиме таа атмосфера на таа ликовна колонија, а тоа е размената на идеи, размислувањата, разговорите и самиот процес на создавање на едно вакво дело“, вели Марија Попова Јованоска, директорка на Центар за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп.

„Ова е нешто што во Прилеп се нема направено 30-тина години, знаеме дека времето на траење е кратко, но колегите се доста вредни и го прифатија предизвкот со задоволство. Идејата е самите дела да излезат на јавен простор, да бидат видени, за да може да комуницираат со јавноста“, додаде Марјан Стојаноски, раководител на Ликовна колонија “Марко Цепенков -Дрен 2026″.

Годинава колонијата е поддржана и од Општината, а уметниците велат дека ова е одлично искуство за нив и се горди што нивните дела во иднина ќе го красат Прилеп.

„Со ова сакаме да покажаме дека Општина Прилеп не само што ќе работи на инфраструктурно подобрување на градот туку навистина треба да с еработи и на сите полиња. Да го разубавиме нашиот град, да поставиме нови скулптури кои ќе ги изработат вредните раце на овие врвни уметници собрани од цела Македонија и Прилеп да добие една поубава димензија“, изјави Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп.

„Моментално работиме на скулптура која има монументален карактер, висика е над 3 метри, овие дела ќе бидат една вредна оставштина од нас за вашиот град која се надевам ќе го краси и ќе остане трајна вредност“, додаде Слободан Милошески, уметник учесник на колонијата.

„Ова место каде што работиме дава оптимистички шанси да се претвори во еден меѓународен концепт за резиденција за уметници вајари, од цела Македдонија и Европа. Условите се неверојтни има материјали, простор, згради каде може да се работи и престојува“, истакна Никола Пијанманов, уметник учесник на колонијата.

Локацијата каде бидат поставени скулптурите ќе треба да утврди Советот на Општина Прилеп.