Македонија
19. August 2026 - 16:37

Здравство преку СМС ќе ги информира граѓаните од засегнатите општини како да се заштитат од западнонилска треска

За една недела регистрирани се 12 нови случаи со западнонилска треска во Скопје. Според извештајот на ИЈЗ досега вирусната инфекција е потврдена кај 36 лица, а за двајца пациенти се чекаат резултатите. Најмногу заболени има во Драчево општина Кисела Вода и рурални населени места во Гази Баба. Најголемиот дел се постари од 60 години, еден случај е на 25 годишна возраст, а засега нема заразени деца.

  • Можеби затоа што родителите повеќе се грижат за децата и почесто ги заштитуваат со репеленти, да се надеваме дека и во иднина нема да имаме случај на заболено дете, рече д-р Марија Гочевска од Институт за јавно здравје.

Токму на повозрасните граѓани од овие подрачја министерството за здравство почна да им испраќа смс пораки за да ги информира како да се заштитат од комарци и кога да побараат лекарска помош.

  • Во рамки на кампањата предвидено е да бидат испратени околу 38.500 пораки до граѓаните во засегнатите општини. Вчера (18 август) испратени се 6.526 пораки – испраќањето започна во општина Петровец (1.554 пораки), а потоа продолжи во општина Гази Баба. Дополнително ќе бидат испратени уште 31.365 пораки, кои постепено ќе бидат доставени до граѓаните во наредниот период. Досегашните резултати покажуваат висок степен на ангажираност – до 70% од доставените пораки се прочитани од граѓаните и го посетиле линкот со дополнителни информации содржан во пораката, изјави Сашо Клековски, министер за здравство.

Од опозициската СДСМ и денеска обвинуваат дека ескалирала ситуацијата со запанонилската треска и состојбата станала алармантна зошто скопскиот градоначалник задоцнил со прскање против комарци.

  • Скопјани повторно се жртви на неспособноста на човекот кој го избраа да биде нивниот заштитник - градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Наместо навремена превенција, навремена анализа и системска контрола на жариштата со комарците – градоначалникот и овој пат задоцни.  Дури сега се сети дека треба да прска против комарци. рече Александар Давчевски, претседател на Градска организација на СДСМ.

Министерот за здравство објави извештај од контролите на ДСЗИ и тврди дека градот ја исполнил обврската за прскање против комарци согласно планот. Наредниот период фокус ќе биде ставен на лоцирање на застоените води во во општините  каде има епидемија на западнонилска треска  и дезинсекција од земја токму околу тие места. Клековски уверува дека средствата кои се користеле при дезинсекција биле од листата препорачана од СЗО.

  • Тие средства подлежат на контрола при увоз и ги користтат и Центрите за јавно здравје, рече Сашо Клековски, министер за здравство.

Досега од компликации од западнонилска треска починаа 4 повозрасни лица од Скопје. Здравствените власти посочуваат дека смртноста според прогнозите е околу 10 отсто од пациентите со воспаление на мозокот кои биле хоспитализирани.