Македонија
19. August 2026 - 16:37

Анализите од ЦЈЗ Тетово покажале исправна вода, Клековски: Да се објават и останатите резултати

Министерството за здравство ги објави анализите за водата во Гостивар кои ги правел Центарот за јавно здравје Тетово. Според извештајот од мострите земени на 12 август од неколку јавни чешми, бензински пумпи, болницата во Гостивар, брзата помош, гробишта покажуваат дека водата е безбедна, па забраната за пиење на водата се укина. Меѓутоа, министерот за здравство повика да се објават анализите и од ЦУК, АХВ, Гостиварски Комуналец. Според Клековски, само Агенцијата за храна и ветеринарство може да ја тргне забраната за водата и да ја прогласи за безбедна.

Директорот на агенцијата за храна и ветеринарство за Сител вели дека тие немаат приватна лабораторија за да прават анализи на водата. До нив пристигнуваат резултатите од Институтот за јавно здравје, Центарот за јавно здравје Тетово и ЈП Водовод и Комуналец Гостивар, а резултатите може да ги објави само странката која е барател на анализите.

АХВ не поседува сопствена лабораторија, ниту стручни лица за толкување на резултатите. Врз основа на стручното мислење од лабораториите, АХВ одлучува дали истата вода е за пиење или не. Агенцијата не врши толкување на резултатите од доставените лаборатории.

Од опозициската СДСМ и денеска прашуваат која институција гарантирала дека водата во Гостивар е исправна за пиење и зошто не се објавуваат официјалните резултати од земените примероци.

Според ВМРО-ДПМНЕ пак СДСМ има одговорност за епидемијата во Гостивар бидејќи ја дели локалната власт заедно со ДУИ, Таравари и Лимани.

Министерството за здравство му препорача на ЈП Комуналец  Гостивар да ја подобри контролата и дезинфекцијата на водата за пиење и редовно да ја одржува водоводната мрежа. Клучните барања се автоматизирано и континуирано следење на хлорот од изворот до чешмите, мерење на неговото ниво на повеќе точки во мрежата во различни делови од денот, како и брз аларм за какви било отстапувања. Сето ова треба да се спроведува со редовен мониторинг согласно програмата одобрена од Агенцијата за храна и ветеринарство.