Македонија
19. August 2026 - 16:36

Во завршна фаза реконструкцијата на шест училишта во кои ќе се воведе едносменска настава од септември

Со новата учебна година се проширува бројот на училишта каде што се воведува едносменска настава. Планот на МОН е до следната година овој концепт да се воведе во целата држава. Адаптација, доградба и реновирање во моментов се прави во 6 училишта, а Министерството е подготвено проектот да го спроведе во уште 15 други. Од први септември во една смена ќе учат и над 700 основци во ОУ „Александар Македонски“ во Реонски центар - Аеродром, каде што градежните работи на доградените училници се веќе при крај.

Во меѓувреме се прави и план за оптимизација на паралелките во сите основни училишта, кој треба да овозможи подобри услови за учениците и поквалитетна настава. По реакциите на родителите кои се против затворање на подрачното училиштето во село Долни Балван, Карбинци, и преместување на децата во соседното Таринци, министерката Јаневска порачува дека учениците не треба да остануваат во изолирани средини.

-Ако мора и е неопходно, ќе учат во комбинирана паралелка, доколку селото се наоѓа на 30, 40 или 50 километри од најблиското училиште. Но ако тие се оддалечени на 2 до 3 километри, децата треба да се социјализираат. Да стекнат други видици, да се побуди мотивација за учење, да видат смарт табла и различен објект. Штетата за нив е голема ако останат пет деца сместени во едно одделение.

Сепак Јаневска уверува дека министерството нема да наметнува решенија насила и најавува директна средба со родителите и општината за да се постигне заеднички договор. Во рамки на плановите за подобрување на инфраструктурата, таа потврди дека не е заборавено ниту училиштето во Идризово, кое исто така е ставено во планот за доградба на нови училници, процес кој ќе започне кон крајот на оваа или напролет следната година.