Македонија
19. August 2026 - 16:35

За школски прибор се потребни до 10.000 денари, утре ќе се знае дали ќе има „училишна кошничка“

Утре Министерството за економија ќе одлучува дали и годинава ќе има „училишна кошничка“ – мерка со која треба да се спречи поскапување на училишниот прибор пред почетокот на новата учебна година.

Од Eкономија за Сител брифираат дека e планиран состанок со трговците на големо и мало кои продаваат школски материјали. На средбата ќе се разговара за актуелните цени и можноста за нивно намалување.

Мерката се применуваше и во изминатите две години и, според надлежните, придонесе за заштеда на семејствата до 2 илјади денари.

Дали и годинава ќе се активира истата мерка, министерката за образование вели дека тоа е предлог што треба да дојде од Министерството за економија.

Сигурна сум дека тие водат сметка за сè што треба да се направи и доколку има такво нешто, навреме ќе бидат информирани родителите“, рече Јаневска.

А додека се чека одлуката, Сител пресмета колку пари се потребни за основно опремување на едно прваче. Нашата математика вели дека потребни се најмалку 5 илјади денари, додека за посолидна и покомплетна опрема сумата може да достигне 7 до 10 илјади денари, зависно од изборот на производи.

Само ранец во актуелните понуди може да се најде од нешто над илјада денари, но има и поскапи. На списокот за едно прваче се и моливи, гумички, острилка, дрвени боици, фломастери, водени и темперни бои, четки, лепак, ножички, линијар, блокови за цртање…

Дополнителен трошок се и тетратките. За почеток обично се потребни повеќе тетратки со линии и коцки. За оваа ставка реално е да се предвидат околу 1.000 денари, зависно од бројот и видот на тетратките.

Доколку се купуваат и шише за вода и кутија за ужина, треба да се додадат уште најмалку 800 денари.

На пазарот има и готови комплети кои чинат околу 2 илјади денари.

Дел од родителите оваа година ќе имаат помал трошок доколку живеат во општини кои обезбедуваат бесплатен прибор.

Карпош и Кисела вода обезбедуваат ранче и училишен прибор за првачињата. Во Ѓорче Петров, пак, за првачињата е предвиден пакет мерки кој вклучува бесплатен ранец, финансиска поддршка од 3.000 денари и ужинка. Во Општина Центар, и оваа учебна година продолжува мерката за бесплатни униформи за сите ученици од прво до деветто одделение, а во Аеродром секое прваче запишано во основно училиште на територијата на општината ќе добие 3.500 денари еднократна парична помош.