Македонија
17. August 2026 - 16:47

Сточарите бараат вакцинација против сипаници кај овците, АХВ најавува 500.000 вакцини од Турција

Сипаниците кај овците продолжуваат да се шират, а сточарите бараат итна реакција од државата. Од Сојузот на одгледувачи на овци велат дека досега се уништени околу 50 стада, односно меѓу 7.000 и 10.000 грла. 

„Секој ден има убиени овци, секој ден се уништуваат големи стада. Бараме од Владата што побрзо да најде решение со оваа болест, да набават вакцина и таа вакцина да се испита дали е конкретно за оваа болест“, изјави претседателот на Сојузот на одгледувачи на овци, Насер Џемаили.

Неизвесноста ги тера дел од сточарите сами да бараат решение. Џемаили вели дека има одгледувачи кои приватно набавуваат вакцини.

„Тие сами се организираат. И ова е некој проблем, понатаму ќе ни биде проблем, пошто не се советни сточарите што последици има од тоа. Затоа треба ветеринарните станици да ги советуваат, да излезат јавно и да кажат што понатаму“, вели Џемаили.

Сточарите да не набавуваат вакцини сами, вели директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство. Обезбедена била донација од Турција и вакцини ќе стигнеле деновиве.

„Ние веќе пративме допис уште претходнава недела, во соработка со турската амбасада, дека една од вакцините коишто е безбедна и одговара — очекуваме 500.000 вакцини да бидат стигнати “, кажа Оливер Миланов, директор на АХВ.

Од Министерството за земјоделие, пак, појаснуваат дека „самостојното набавување и применување вакцина, на сопствен трошок и без претходно одобрение од Агенцијата, ќе биде санкционирано согласно важечките прописи. Во таков случај, сопственикот нема да има право на компензација за заболените животни, ниту на обесштетување за животните одземени заради сузбивање и искоренување на болеста“. 

Покрај вакцинацијата, сточарите бараат и реално обесштетување за уништените стада. 

„Што правиме со расните овци коишто пазарната цена им е пет пати повисока од она што они ќе придонесат како обештетување? И каде се, дел од субвенциите тие овци не ги изгубиле они од што сакале, се случила болеста. Дали ќе земаат субвенции за за оваа година?“, вели Милена Величковиќ, член на Управниот одбор на Сојузот на одгледувачи на овци.

Уништувањето на стадата не е решение, велат сточарите, бидејќи од овците живеат со генерации.

„Ние живееме од тие овци, да речеме јас од мајка ми, од татко ми, досега сме со тие овци. И сега решението да биде да ни ги убијат, тоа не е решение, за нас тоа не е решение. Тоа е за нас, не знам како да кажам, тоа е катастрофа за нас. Решение ни нудат нас дека ќе ни се убијат овците. Па ние од тие овци живееме цела фамилија. Што ќе правиме ние? И да ни ги, да ни ги обештетат за ова, за, за срамотни за 100 денари по кило“, вели Илми Зекир, одгледувач на овци.

Инаку во Македонија има околу 300 илјади овци.