Кој стои зад лажната вест дека скопската вода има ешерикија коли?
Хибриден напад од опозициски партии или обид маркетите да ги продадат резервите на вода во шишиња? Што стоеше зад лажната информација која ги исплаши скопјани во средата за наводно присуство на ешерикија коли во скопската вода?
Премиерот Мицкоски очекува дека во новите измени на Кривичниот законик ќе бидат воведени построги казни за ширење дезинформации кои предизвикуваат страв и немир кај населението. Но објави две можни теории зошто информација напишана на Вибер се прошири масовно меѓу граѓаните, а тоа резултираше со испразнување на рафтовите низ маркетите.
- Ние ден претходно добивме информација дека опозициски партии ќе се обидат да создадат ваква хистерија преку социјалните медиуми и јас се надевам дека со новите измени во Кривичниот законик ќе има и казнена одредба за ваквите лица коишто свесно создаваат хистерија, односно вршат своевиден хибриден напад, создаваат чувство на немир, чувство на страв кај граѓаните, но она што мене посебно ме загрижува е што мислам дека тука има и некои други, би рекол, повеќе комерцијални обиди. Бидејќи за еден ден наеднаш голем дел од маркетите ги испразнија своите резерви и количини на флаширана вода, вели Мицкоски.
Сепак, прашан дали информациите дека опозициски партии ќе се обидат да направат хибриден напад преку социјалните мрежи се доставени до Обвинителството, Мицкоски рече дека истрага водело Министерството за внатрешни.
Опозицијата денеска повторно побара од власта да ги објави извештаите за квалитетот на водата во Гостивар, град кој цел месец беше без вода за пиење откако во главната водоводна цефка беше поставен систем од кој се излеваа фекалии.
- Во Гостивар вчера видовме слика што ќе остане запаметена. Политичари и функционери држат здравица, пијат вода пред камери, велат „на здравје“ и дека е „многу вкусна“. А цел месец граѓаните пиеја вода загадена со фекалии. Цел град беше отруен, 5.000 луѓе беа заболени. Прво најавуваа дека резултатите ќе бидат готови дури на 20 август. Сега, под притисок на јавноста, наеднаш велат дека водата е чиста - шест дена порано. Како до вчера, 20 август, а денес нагло сè е во ред? И се уште нема официјално објавен документ со кој се потврдува дека водата е чиста и здрава за пиење. Оваа ситуација бара одговорност, а не циркуз, вели Марија Борозан од СДСМ.
Премиерот пак, одговорност гледа кај локалните власти и опозицијата која го поддржа актуелниот градоначалник на Гостивар, Валбон Лимани.
- Комплетно со водоводот и со снабдувањето со вода на Гостивар стопанисува Јавното претпријатие коешто нуди таква услуга. ЈП има свое раководство, раководството го поставува градоначалникот. А градоначалникот беше поддржан на вонредните избори од страна на СДСМ. И затоа вие нема да слушнете од страна на СДСМ одговорност на градоначалникот бидјеќи тој е нивен кадар. Туку ќе слушнете дека бараат одговорност од таму од кадешто таа одговорност ја нема, туку напротив, од страна на Владата ние дадовме се што можевме состојбата да се нормализира како никогаш досега, вели Мицкоски.
За водата во Гостивар во притвор завршија три лица, в.д. директорката на Јавното претпријатие и двајца раководители. Нивниот притвор завршува в петок.
За случајот со Скопје, пак, на разговор биле повикани 13 луѓе, но ниту еден од нив не го открил изворот на дезинформацијта. Во овој случај, истражните органи ќе имаат исклучително тешка задача за да стигнат до ширачот на лажната вест. Информацијата била објавена во Вибер група, и наместо јавно, се ширеше по групи, четови, мејлови... На социјалните мрежи имаше само неколку јавни поста и тоа неколку часа откако веќе информацијата беше масовно распространета.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
