Свет
8. August 2026 - 8:54

Пратеникот на ОН за Јемен предупредува на ризик од обновен конфликт од големи размери

Специјалниот пратеник на Обединетите нации за Јемен, Ханс Грундберг, синоќа предупреди за нова ескалација на насилството во Јемен, пренесува ДПА.

„Јемен денеска се соочува со поголем ризик од обновен конфликт од големи размери отколку во кој било момент од примирјето посредувано од ОН во април 2022 година“, напиша тој на Икс.

Грундберг рече дека неодамнешните напади на јеменската милиција Хути, поврзана со Иран, во Ма’риб и Хадрамавт, наводно предизвикале значителни жртви, вклучувајќи цивили, додека обновените напади врз комерцијалните бродови во Црвеното Море и Аденскиот Залив ги ескалирале тензиите, пренесува германската агенција.

Специјалниот пратеник на ОН е загрижен и за нападите врз цивилната инфраструктура, вклучително и аеродромите, и засилените регионални тензии.

„Земени заедно, овие случувања ризикуваат да ги загрозат придобивките од примирјето од 2022 година, што се рефлектира во релативниот мир што се одржува во Јемен во последните години, а истовремено ја вовлекуваат земјата во поширока регионална конфронтација, со катастрофални последици за нејзиниот народ“, рече тој.

Грундберг додаде дека „интензивно соработувал со јеменските страни, регионалните актери и меѓународните партнери за да истражи конкретни опции за деескалација на состојбата“.

„Останувам убеден дека дипломатскиот пат останува отворен. Тоа ќе бара политичка волја, тешки избори и вистински ангажман од страните, рече Грундберг, пренесен од ДПА“.

Неофицијалното примирје во Јемен во голема мера се одржува од 2022 година, но тензиите меѓу Хутите и Саудиска Арабија, која ја поддржува меѓународно признатата јеменска влада, ескалираа во последните недели.

Земјата е заглавена во конфликт откако Хутите ја зазедоа Сана и други делови од северен Јемен кон крајот на 2014 година. 

MИА