Македонија
7. August 2026 - 16:59

Жештината го нарушува и менталното здравје - сè повеќе психички тегоби за време на екстремните горештини

Екстремните горештини не оставаат последици само врз физичкото, туку и врз менталното здравје. Лекарите предупредуваат дека повеќедневните високи температури, нарушениот сон и дехидратацијата го исцрпуваат организмот, а кај дел од граѓаните можат да предизвикаат раздразливост, анксиозност, панични напади и влошување на веќе постоечки психички заболувања.

Во скопската Брза помош често регистрираат повици од пациенти со психички тегоби, но и од нивни блиски кои бараат помош поради нагло влошување на состојбата.

-И кај психички здрави луѓе, кога високите температури траат со денови, а сонот е нарушен, може да се јават психофизичка исцрпеност, намалена концентрација, раздразливост и понизок праг на толеранција на стрес. Најчести се јавувањата од лица со панични и анксиозни растројства. Телесните реакции што ги предизвикува жештината – забрзано срцебиење, потење, слабост или чувство на недостиг на воздух – лесно можат да бидат протолкувани како опасност и да предизвикаат паничен напад, , вели д-р Елена Карева Пиловска, специјалист психијатар и шеф на смена во Брза помош Скопје.

Според докторката уште посериозни можат да бидат последиците кај пациентите со веќе дијагностицирани психички заболувања. Недостигот од сон, дехидратацијата и топлотниот стрес можат да доведат до влошување на депресија, биполарно растројство, психотични состојби, а кај повозрасните лица и пациентите со деменција и до нагла конфузност.

-Во овие периоди бележиме повеќе повици поради панични напади и акутни психички влошувања. Кај лицата со веќе постоечки психички заболувања, жештината може да биде тригер за декомпензација и состојба која бара стручна, а понекогаш и итна медицинска интервенција, вели д-р Карева Пиловска.

Лекарите предупредуваат дека за време на топлотните бранови подеднакво важно е да се заштити и физичкото и менталното здравје. Доволниот внес на течности, одморот и навременото барање медицинска помош при влошување на симптомите можат да спречат посериозни последици.