Гостиварци да не плаќаат за вода, предлага народниот правобранител
Без сметки за вода додека трае загадувањето во Гостивар. Народниот правобранител испрати препорака до Советот на Општината, дека, граѓаните не треба да плаќаат за питка вода која не ја добиваат. Потсетуваат дека слична ситуација имало и во Струга, па по предлог на општината, граѓаните биле ослободени од плаќањето на сметките за вода во месец февруари.
„Работиме да пратиме една препорака до Советот на Општина Гостивар за да се разгледа можноста граѓаните на Општина Гостивар и другите околни општини кои ги користат услугите на Јавното претпријатие „Комуналец“, да бидат ослободени од обврската за плаќање на вода за пиење за периодот кога водата за пиење не била за целосна употреба. Имавме и сличен случај во Струга, кога Советот исто така донесе одлука за ослободување на граѓаните од плаќање на водата за пиење за спорниот период“, изјави Фатон Сељами, Народен правобранител.
Покрај барањето за ослободување од сметките, Омбудсманот најавува и поширока контрола на терен. Во текот на есенските месеци да се спроведе посебно истражување за да се утврди во каква состојба се изворите и капацитетите од кои граѓаните се снабдуваат со вода за пиење.
„Во однос на тоа колку се безбедни изворите на вода или таканаречените каптажи на питка вода во Општина Гостивар, но и може тоа да биде и за поширока територија, ние како институција планираме во иднина, во септември или октомври, да извршиме едно истражување. Тоа е една од опциите која сериозно ја разгледуваме“, вели Народниот правобранител Сељами.
Паралелно, народниот правобранител испитува и како дошло до нарушување на правото на граѓаните за пристап до чиста вода за пиење. Одговори очекува од Јавното претпријатие, општината, Институтот за јавно здравје.
Кризата со водата во Гостивар, и денеска е тема за партиски обвинувања. Од СДСМ велат дека одговорност за случајот, треба да понесеат функционери од власта.
„Ова веќе не е само криза, ова е здравствена катастрофа. Тотален хаос и распад на институциите. И одговорност мора да има! Доста молчи Јавното обвинителство. Мора да реагира веднаш. Мицкоски, Клековски, Тошковски и сите инволвирани мора да одговараат!“, изјави Кети Штерјова, СДСМ.
Владејчката ВМРО-ДПМНЕ ја обвини опозицијата за лицемерие – и во време кога СДСМ била на власт, водата во Гостивар била небезбедна, ама за тоа никој не превзел одговорност.
„Денес, истите тие политички актери се обидуваат да зборуваат за одговорност, иако токму во нивниот мандат не беа преземени соодветни чекори за санкционирање на пропустите. Наместо морализирање и ширење хистерија, талогот на СДС и предавникот Венко Филипче треба јавно да објаснат зошто со години немало институционална одговорност за случаите на небезбедна вода за пиење и кои конкретни мерки ги презеле за надминување на овие проблеми“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во меѓувреме, случајот го истражува Јавното обвнителство – осомничени дека сториле тешки дела против животната средина и природата се директорката на „Комуналец“ и двајца раководители. Поставиле пумпи во надворешен канал кои внесувале загадена вода во градската мрежа која предизвика епидемија во Гостивар со близу 5 илјади заболени.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
