Македонија
6. August 2026 - 16:32

Енергетските проблеми во Европа растат, Мицкоски уверува дека кај нас струјата нема да поскапи

И покрај енергетските притисоци во Европа, премиерот Мицкоски уверува дека струјата во Македонија нема да поскапи.

„Не размислуваме за зголемување на цената на електричната енергија. Ние правиме план како да најдеме формула да ја намалиме или барем евтината тарифа да ја зголемиме, за разлика од најголемиот дел од земјите во Европа коишто планираат да ја зголемат цената на електричната енергија“, изјави тој.

Мицкоски вели дека земјава е подготвена да се справи со предизвиците што ги носат војната на Блискиот Исток и екстремно нискиот водостој на Дунав, кои прават силен притисок врз европскиот енергетски пазар.

Според премиерот, и покрај тоа што сезоната за наводнување е при крај, домашните акумулации се полни околу 70 проценти што е доволно за сигурно снабдување и на граѓаните и на стопанството, без потреба од мерки за штедење.

„И нема да правиме панични прес конференции, нема да повикуваме на внимателност во штедењето бидејќи водевме сметка многу порано за да не се случи тоа“, кажа Мицкоски.

А штедењето во Унгарија веќе почна. Исклучено е декоративното осветлување на Парламентот, Замокот Буда и Мостот на синџирите во Будимпешта. Мерката ги разочара туристите, но локалните жители ја поддржаа како неопходен чекор за намалување на потрошувачката на електрична енергија.

„Навистина беше фрустрирачки. Искрено, бев изнервирана и многу разочарана. Требаше и да одам на ноќно крстарење по реката, а сите светла и мостот беа во целосен мрак“, вели германска туристка во Будимпешта.

„Мислам дека ова е минимумот, минимална реакција на целата сегашна ситуација. Целосно го поддржувам ова и се согласувам со одлуката“, рече локален жител на Будимпешта.

Енергетската криза го затемни и Букурешт. Главниот град на Романија го намали интензитетот на уличното осветлување за една третина, а нема осветлување на дел од знаменитостите и музеите. Романската влада прогласи состојба на енергетска вонредна состојба и повика струјата да се штеди.

„Се чини дека стигнавме до оваа точка поради лошите одлуки што беа донесени, со оглед на климатската криза со која се соочуваме со децении“, кажа локален жител.

Екстремната суша и високите температури го отежнуваат работењето на нуклеарните електрани во Европа, кои зависат од реките за ладење. Намалено е производството на „Пакс“ во Унгарија, „Чернавода“ во Романија, како и „Кришко“ во Словенија.

„И тоа врши притисок врз цената на електричната енергија. Бидејќи вие со обновливи извори можете да произведувате енергија, но не може таа да биде базна, па дури и да имате батерии инсталирано. Вам ви треба базна енергија. Базна енергија во најголема мера произведуваат нуклеарните централи коишто во овој момент се исклучија и цените на берзите се огромни“, изјави Мицкоски.

Намалената пловност на реките прави проблем и во речниот транспорт на хемикалии, нафтени деривати и друга стока. Биолозите, пак, стравуваат од угинување на слатководните риби.