Македонија
30. July 2026 - 16:44

Апелациониот суд – Скопје доби в.д претседател

Судскиот совет назначи в.д претседател на скопскиот апелационен суд. До изборот на нов претседател, функцијата вршител на должност ќе ја извршува судијата Зоран Герасимовски. Неговото именување, доаѓа откако досегашната претседателка, Мери Дика, беше избрана за судијка во Уставниот суд.

На седницата на која дел од членовите учествуваа телефонски имаше дилема кој привремено да раководи со второстепениот суд. Освен Герасимовски, предложена беше и Тања Милева која со последното оценување добила највисоки оценки.

Според законот за судовите, за в.д се избира судијата кој со последното оценување е најдобро рангиран, но според членовите на советот, можни се отстапки. Во последната година од периодот за оценување, Герасимовски бил член на Судскиот совет, а таква состојба не била предвидена според законот за судови.. Тој бил и пониско рангиран од судијката Милева.

„Судијата Тања Милева е највисоко бодувана, со 197 бодови. Не секогаш треба да се примени членот 89 од Законот за судовите, но, ако отстапиме од овој член треба да имаме добро образложение зошто треба да биде друг предлог. Судијата Герасимовски е бодуван со 186 бодови“, изјави Сузана Јошевска, Член на Судски совет.

За членовите на судски не беше спорно дека Милева имала најмногу бодови со последното оценување, но како што рекоа, Герасимовски кој бил и нивни колега од советот, имал менаџерски способности, а и редовно го совладувал приливот на предмети. За в.д го предложи членот на советот Ивица Николовски, Милева пак беше предлог на Антоанета Димовска.

„Се работи за добар, квалитетен, искусен судија со долгогодишно искуство, покажува позитивни резултати, секогаш бил оценуван позитивно“, изјави Ивица Николовски, член на Судски совет.

„Се кажаа многу позитивни работи за вториот кандидат, за првиот не се ни спомна ништо. За волја на вистината да кажеме дека колегата Зоран Герасимовски, всушност и си отиде од Судскиот совет кога беше најтешко, па сега може и тоа да го цениме на некој начин“, изјави Антоанета Димовска, Член на Судски совет.

По гласањето, со девет гласа Герасимовски беше избран за в.д претседсател на Апелациониот суд во Скопје.. Тој функцијата ќе ја извршува до изборот на нов претседател.