Македонија
30. July 2026 - 16:44

Арбен Фетаи станува специјален претставник во ЕУ – Партиите со бурни реакции

Арбен Фетаи доби нова државна функција. Откако поднесе оставка од позицијата вицепремиер за добро владеење, сега ќе ја претставува државата како специјален претставник за ЕУ во Брисел. За ваквата владина одлука се пофали на социјалните мрежи и се заблагодари за довербата која му се укажува.

„На вчерашната седница, Владата на Македонија ме именува за Специјален пратеник за Европската Унија, со седиште во Брисел. Ова претставува голема чест, но пред сè и исклучително голема одговорност. Мисијата што ми е доверена е да придонесам кон унапредувањето на процесот на европската интеграција на нашата држава, преку зајакнување на политичката поддршка во институциите и земјите членки на ЕУ, придонесување за надминување на политичките и дипломатските предизвици и засилување на гласот и присуството на Македонија во Брисел и во европските престолнини“, напиша Фетаи.

Од Влада потврдија дека назначувањето е согласно законските надлежности и воспоставената практика. Целта за ангажирањето била државата да има лице кое ќе работи на конкретни стратешки приоритети и ќе придонесе за поефикасно остварување на националните интереси. Познавањето на три светски јазици значела и предност во извршувањето на обврските.

Неговите обврски ќе опфаќаат претставување на државата и заштита на нејзините интереси во меѓународната комуникација, давање предлози и препораки до надлежните институции, промоција на резултатите од реформските процеси, идентификување на политички и дипломатски предизвици, зајакнување на позицијата и видливоста на државата во Брисел, остварување редовни средби со клучни носители на одлуки, дипломатско застапување на политиката на проширување и иницирање посети на високи претставници на Европската Унија во Скопје.

Новата државна функција за Фетаи предизвика бурни политички реакции. За ЛДП именувањето на Фетаи е скандалозна одлука на Владата. Зајкова од премиерот бара итни писмени одговори и целосна транспарентност до денар за парите што му се исплатени на функционер кој самиот јавно потврди дека со месеци самоиницијативно не доаѓал на своето работно место. Бара точно да се колку денови неоправдано бил отсутен и за што се потрошил државни пари.
Екс министерот за надворешни Османи бара одговори која ќе биде функцијата на Фетаи кога државата веќе има Постојана мисија при ЕУ.

„Кој е мандатот на новиот претставник, која задача ќе ја извршува, а не можат да ја извршат амбасадорот, нашата Мисија, Министерството за надворешни работи и Министерството за европски прашања. Создавањето паралелен политички канал во Брисел ја обезвреднува државната Мисија, го поткопува авторитетот на амбасадорот и создава нејаснотии околу тоа кој ја претставува државата пред институциите на Европската Унија, пишува Османи.

Левица преку соопштение обвинува дела власта наместо одговорност за неработењето на Феати, го наградила со унапредување. 

„Владата на ДПМНЕ создаде привилегирана политичка каста во која неработењето е најсигурниот пат до повисока функција. Арбен Фетаи, човекот кој со месеци не се појавуваше на работа, а редовно земаше плата од парите на граѓаните, денес е награден со дипломатски статус и нова државна титула. Од вицепремиер за добро владеење преку ноќ стана специјален пратеник“.

По реакциите во јавноста поради неговото неколкумесечно непојавување на работа, Фетаи си поднесе оставка, која Парламентот му ја процесуираше минатиот месец.