Македонија
25. July 2026 - 16:57

До среда ќе се знае што ја предизвика белата пена во Вардар

Најдоцна до среда треба да бидат готови резултатите од мострите земени од Вардар кои треба да покажат што се крие зад белата густа пена која го покри течението на реката. И од Водовод и од Инспекторатот за животна средина велат дека ќе ги чекаат резултатите за официјално да излезат со информации.

Извори на Сител кои ги земале мострите од вливот на Лепенец во Вардар потврдуваат дека проверени се и сите „А“ интегрирани дозволи на фирмите околу местото каде се појави пената. Заедно со мострите од водата ќе ја дадат конечната слика дали некои од нив се причинители за создавањето на белата пена.

Ден откако Вардар беше прекриен со бела густа пена, сликата денеска е сосема поинаква. Пената воопшто ја нема, но надлежните институции се уште проверуваат за каква материја станува збор. 

Појавата на пената во Вардар стана и нова причина за партиски реакции. Опозицијата бара одговорност од власта за загадувањето на реката Лепенец која се влева во Вардар...Според нив белата боја и обемот на пената што вчера се појави во реката Вардар, најчесто се знак на синтетичко загадување. 

Инспектори на Градот Скопје со дронови уште од вчера на терен детектираат кој е причинителот на оваа појава и најавија дека нема да има толеранција за никого.